Вработените во Македонска пошта, од денеска, среда, 19-ти октомври 2022 година ќе започнат со предупредувачки протест во траење од половина час, незадоволни од продлабочувањето на проблемите во Поштата, опасноста за зачувување на работните места, нередовната плата, лошата организација на работа, како и супстандардните услови за работа.
– Синдикалните организации едногласно донесоа одлука за организација на предупредувачки протест секој работен ден за време на паузата во времетраење од половина час и одлука за организација на Генерален протест пред македонската Влада со присуство на сите вработени во подружниците. Протестираме за редовна исплата на плата секој месец за егзистенција на семејствата, за зачувување на работните места и иднината на Поштата, реформи и реорганизација во работењето и целосна реализација на спогодбата од штрајкот, порачуваат организаторите.
Поради законските прописи и неможноста да се организира штрајк за време на работно време, истиот се организира за време на паузата, која е со закон загарантирана.
– Протестот ќе започне на 19-ти октомври 2022 година, за време на паузата определена во подружницата и ќе трае до исполнување на барањата, потенцираат од Синдикатот на Македонска пошта.
Фото: Архива