АктуелноНаш изборНаш ИзборОхрид

Покровот на Пречистата во Пречистанската Свештена Обител

Kолку се возвишени делата на верата! Во време-просторот на Црквата, во тој чудесен кораб на спасението, кој сите ги повикува и во кого за секој има место, сите се сродуваат и стануваат едно семејство, еден род, едно стадо и еден Пастир. Личносното заедничарење во љубов со Бога, ангелите и луѓето, ги полни срцата со радост, благодарност и песна.

Нашата вистинска Мајка, Мајката на родот човечки, на родот христијански и особено на родот монашки, денес, за чијшто чудесен и спасителен Покров си спомнуваме, свештено и набожно беше прославена и воспеана во нашите монашки убежишта: Бигорски, Рајчица и пред сѐ, во нејзиниот Манастир над Кичево. Таму присуствуваше и богослужеше нашиот возљубен старец, Епископот Антаниски г. Партениј, а во чест на празникот, од Рајчица пристигнаа и моштите на Преподобниот Јован Кукузел, псалтот и химнограф, небесна слаткопојна птица, кој заедно со Преподобниот Роман Слаткопевец, Богородичниот песнописец, и со Светиот Апостол Ананија, преку кого прогледа и се крсти Божествениот Павле, се слават денес заедно со Покровителката на човечкиот род.

Богородичниот Покров, преполн со благодат и мајчинска топлина, ги осени на овој особен ден присутните верни, кои се собраа за со љубов да го прослават овој радосен празник. А од страна на нашиот мил старец и Епископ г. Партениј, беше изговорена беседа, налик на една градина богата со миризливи и разнобојни цвеќиња на мудрост и просвештение, за жедните богокопнежливи души:

Собрани сме, мили мои, во овој сечесен и великолепен храм од љубовта најсилна, мајчинска, од љубовта на Онаа Која ни ја донесе на свет врховната Љубов – Словото Божјо, нашиот Господ Исус Христос. Собрани сме, значи, за со благодарствени песни и моленија да го прославиме празникот на Пресветата Богородица наречен Покров, кој настанал после едно чудесно видение што го имал блажениот Андреј Јуродив во Константинопол, во познатата и славна Богородична црква Влахерна.

Имено, во време кога православниот народ бил притеснет од опасности, од наезди на туѓинци, меѓусебни војни и смртоносни болести, многуброен верен народ, по повеление на светиот Цариградски патријарх, се собирал во царскиот храм на Царицата на Ангелите – Влахерна, за да ги принесе своите покајнички воздишки и да се моли за мир и благосостојба. За време на едно од сеноќните бденија, поточно на 1 октомври 911 година, Преподобниот Андреј имал небесно откровение: горе во височините над народот ја здогледал Царицата небесна, облечена во раскошна царска порфира, со неискажлив блесок, придружува од Свети Јован Богослов и други апостоли, од мноштво светители, маченици и ангели. Таа заштитнички го простирала својот омофор врз насобраните верници, молејќи се со солзи и на колена за нивното спасение. Воодушевен од видението, тој го прашал својот ученик дали и тој го гледал истото. Светиот Епифаниј му одговорил: „Гледам, отче свети, и се ужаснувам!“ Така, и двајцата продолжиле да ја слават и да ѝ благодарат на Пресветата, Која со мајчинска љубов го покрива и го штити својот народ. Потем, на крајот од богослужбата, блажениот Андреј им раскажал на сите за големото чудо на милоста на Богородица и со тоа ги охрабрил да не се плашат, бидејќи Царицата ќе го избави својот град и својот народ од опасностите. Така и било.

 

Бигорски Манастир