АктуелноОхрид

(ФОТО) Ковачевски на отворањето на канадска „Магна“ во Струга: Нови инвестиции и вработувања и во услови на најголемата светска криза

Премиерот Димитар Ковачевски на официјалното отворање на канадската инвестиција во Северна Македонија, поточно во Технолошко-индустриската развојна зона во Струга, истакна дека новите инвестиции се потврда за успешните владини политики и во услови на најголемата светска економско-енергетска криза.

Премиерот Ковачевски посочи дека новата инвестицијата во Струга за Владата е потврда за заложбите за рамномерен регионален развој, за нови добро платени работни места, а со тоа и нов стимул за нашата економија.

„Ваквите инвестиции се јасен сигнал дека Северна Македонија нуди предвидлив деловен амбиент за компаниите, за нови инвестиции. И според Индексот на „Инвестмент монитор“ за 2022 година, кој го споредува Бруто-домашниот производ во однос на странските директни инвестиции, постигнавме импресивни резултати. Како земја сме значително над глобалниот просек кога станува збор за привлекување гринфилд инвестиции. Речиси 90 проценти од инвестициите потекнуваат од нови проекти, додека останатите 10 проценти се од инвестиции за проширување. Инвестициите во обновливите извори на енергија се водечки сектор за влезни Странски директни инвестиции во земјава со седум проекти, а веднаш потоа на второ место се рангирани секторот за автомобили, софтвер и ИТ-услуги, секој со шест инвестиции. Ова е резултат на нашиот стабилен деловен амбиент, на членството во НАТО, како и на почетокот на преговорите со Европската Унија. За нас како Влада ова е силна потврда за успешниот концепт на ТИРЗ и Владата, кој го спроведуваме веќе 18 месеци. И во време на глобални предизвици, постигнавме договори од над 620 милиони евра инвестиции, што е речиси две третини од вкупниот обем на донесени инвестиции во претходните 10 години“, рече премиерот Ковачевски и упати порака до инвеститорите и покрај најголемата светска криза и предизвиците пред кои сме сите исправени, да ги искористат можностите и да го вложат својот капитал во Северна Македонија.

Дејвид Креспи, потпретседател на компанијата „Магна Интернационал“ истакна дека новата инвестиција на „Магна“ во Струга е првиот производствен капацитет на компанијата во Северна Македонија, кој ќе поддржи неколку европски производители на автомобили.

„Зафаќа површина од приближно 17.000 метри квадратни, во објектот веќе се работи и од почетокот на оваа година има повеќе од 300 вработени, а се очекува да вработи над 1.000 вработени до 2024 година како што се ќе зголемува бизнисот ќе расте и бројот на вработени. Возбудени сме поради отворањето на првата фабрика на Магна во Северна Македонија и можности што ги носи да го зголемиме нашиот удел во Источна Европа и да создадеме нови работни места во регионот“, рече Креспи и потенцира дека Владата на Северна Македонија и локалната заедницата се многу кооперативна и силно верува во континуираната соработка со цел поддршка на нашите клиенти понатаму“.

Јован Деспотовски, директор на ТИРЗ ги истакна позитивните политики за привлекување на странските инвеститори, кои значат нови вложувања и вработувања.

„За мене вистински развој е кога вложуваме во подобар живот за луѓето и отвораме можности за напредок, оти луѓето се тие што ја движат и развиваат економијата, а не капиталот. Токму затоа сум горд дека со вложување во вакви технолошко напредни компании како „Магна“ кои носат добро платени работни места, отвораме шанса за пристоен живот на над 1.300 наши сограѓани овде. Особено ме охрабрува тоа што во време на глобални економски предизвици со паметен пристап успеваме да креираме добра деловна клима и да ја добиеме довербата на постојните и нови инвеститори. Само во изминативе 18 месеци со новиот концепт на ТИРЗ постигнавме договори во висина од 620 милиони евра кои носат над 4.000 нови работни места. Владата и ТИРЗ остануваат посветени партнери на ваквите инвеститори. Продолжуваме заедно во уште вакви нови успешни приказни“, рече Деспотовски во своето обраќање.

На настанот присуствуваа и претставници на менаџментот на компанијата, вработени, вицепремиерот за економски прашања и координација на економските ресори и инвестиции Фатмир Битиќи како и бројни гости.


Обраќање на премиерот Ковачевски по повод официјалното отворање на канадската фабрика „Магна“ во Струга

 

Премиерот Димитар Ковачевски денеска се обрати на официјалното отворање на канадската инвестиција во Северна Македонија, поточно во Технолошко-индустриската развојна зона во Струга. На официјалното отворање свои обраќања имаа Дејвид Креспи, потпретседател на компанијата „Магна Интернационал“, директорот на ТИРЗ Јован Депотовски, а присуствуваше и вицепремиерот задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции Фатмир Битиќи како и претставници на менаџментот на компанијата.

Во продолжение, Ви го пренесуваме обраќањето на претседателот на Владата на Северна Македонија, Димитар Ковачевски во целост:

„Јас не сум оние од политичари или политичар којшто својот работен век и својата кариера ја градел во кабинети во Влада, по кабинети на институции, во јавна администрација, туку напротив. Јас сум човек којшто 22 години својата кариера ја градеше во приватниот сектор.

Почнав исто како вас, како вработен којшто мораше секое утро да дојде на работа, да креира вредност, да обезбеди вредност за компанијата, меѓутоа и да обезбеди даноци кои ќе бидат платени на државата. Да обезбеди добивка за компанијата од која ќе се плати данок на добивка и од која што подоцна се финансираат функциите на државата вклучително и оние политичари кои целиот свој живот го поминуваат во кабинети.

Сите вие следите медиуми дека 10 дена за мене се зборува дека сум правел фабрики. Сум работел во фабрика. Јас сум горд што сум работел во фабрика исто како вие што работите и многу ми е познато и добро знам што е анти-статик под, што значи загревање на ваков погон и како се организира производствен процес во едно високо – технолошка индустрија како што е оваа.

А ме критикуваат луѓе кои што никогаш во животот не кренале ништо потешко од спајалица и кои за тоа кревање на спајалица иако плаќаа оние како вас и како мене кои што работат, креираат вредност и плаќаат даноци. Затоа, посебно сакам да ги поздравам вработените на компанијата „Магна“ и ги замолувам сите што се седнати тука со убави кравати во првиот ред да дадат еден аплауз за нив.
Денес стоиме исправени пред многу предизвици во навистина тешки времиња. Енергетска криза, инфлација, несигурност, сето тоа ги поттикнува ветровите на рецесијата во Европа така како што го кажувам и така како што вчера го напишаа и ММФ и СБ.

Во оваа ситуација можеме да направиме две работи:

Прво, да се осигураме дека никој нема да биде оставен сам и дека никој нема да биде принуден да избере помеѓу греење и храна. Новиот пакет антикризни мерки кој го воведовме во неделата, во вредност од 360 милиони евра, е првиот чекор за да се осигураме дека сите граѓани, особено најранливите ќе ја преживеат оваа зима. Струја, греење и храна, мора да има за сите.

Втората работа е да продолжиме да размислуваме за тоа како ќе изгледа нашата иднина. Во понеделникот, започна со работа најголемата досега соларна електрана во Македонија било кога изградена која ќе произведува струја од нашето македонско сонце. 17 МВ фотоволтаична централа значи производство на 25 гига ват часови електрична енергија, а тоа е повеќе електрична енергија од онаа која што ја користат сите основни и средни училишта во државата или еднакво на потрошувачката на електрична енергија на 5.500 семејства во државата. Тоа е начин на којшто се прави енергетска трансформација на државата.

Откако јас сум премиер, само во Осломеј и Источна Македонија со пуштањето на таа централа се направени 27 МВ електрична енергија. 27 МВ соларна енергија не е направена во 11 години власт сите вкупно години кои што ги имаше еден претходен естаблишмент. Тоа е начинот на којшто оваа држава треба да се движи напред.

А денес овде во Струга, официјално отвораме фабрика која развива и произведува автомобилски системи и делови кои ќе се испорачуваат на сите најзначајни производители на автомобили во светот.

Го прашав г. Креспи, сум прашувал и претходно која е причината заради која што решивте да дојдете и отворите фабрика во Македонија. Прво, што оваа држава има обезбедена сигурност и безбедност со членството во НАТО. Второ, близината до европскиот пазар. Трето, јасната визија за тоа каде се движи државата во ЕУ. Четврто, помошта која што ја добива од државата и фискалната политика. Петто и најзначајно квалитетни и вредни работници од Македонија. Тоа се причините кои поради менаџментот одлучува да ја прави фабриката тука.

Во овие тешки времиња, најдобриот начин на кој можеме да се избориме со кризата е, тука во Северна Македонија да отвориме и обезбедиме што е можно повеќе  работни места за нашите граѓани. А најдобриот начин како да се избориме со високите трошоци за живот, е да донесеме подобро платени работни места во индустриите на иднината, кои поради добрите услови и поддршка се поддржани од оваа Влада повторно заради таа поддршка вакви компании ја бираат нашата држава како дестинација за нивните инвестиции.

Овие инвестиции се резултат на напорната работа на многу луѓе. Но, тие се и резултат на фактот што Северна Македонија цврсто чекори на патот кон Европа. Компаниите ширум светот сакаат да дојдат и да инвестираат во земја која има европска иднина, а не во земја која е изолирана и во конфликт со соседите.

И тука сакам нешто посебно да истакнам. Знам дека многу луѓе чувствуваат исто како што јас чувствував и како што досега сум кажал дека цената што ние мораше да ја платиме за да станеме членка на НАТО и да ги почнеме преговорите со ЕУ, беше таква која што и на мене, а верувам и најголемиот дел на нашите граѓани им создава чувство како некој со нож да ги боде во стомак. Тоа беше чувството, но, која е алтернативата ако не донесете одлука да одите во семејството на земјите од ЕУ. Дали е алтернатива да бидете горди, сами на маса, изолирани или е подобра алтернатива во која јас верувам дека е подобра и работам на тоа со крената глава како Македонци, со македонски јазик да седите на големата маса во Брисел и да станете членка на ЕУ. Тоа е единствената алтернатива. Никој не понудил друга алтернатива. Заради таквите политики вакви инвеститори доаѓаат во Северна Македонија.

Дали е подобро вие што сте овде тука наместо да работите во фабриката на „Магна“ тука во Струга, во својата родна земја да одите да работите во една од 7-те фабрики на „Магна“ во ЕУ? Ако не се направеше оваа фабрика тука тоа ќе беше резултатот. Најголемиот дел од овие млади кои што работат сега тука во својот роден град, ќе требаше да одат да работат во Германија, Чешка,  во некои други држави каде што „Магна“ има фабрики.

Инвестицијата што ја гледаме денес, исто како и инвестициите изминативе 5 години, се јасни, опипливи резултати на придобивките што ги имаат инвеститорите во оваа држава.

И затоа, најпрво сакам да упатам честитки за официјалното отворање на канадската фабрика „Магна Мирорс“, тука во Технолошко-индустриската развојна зона во Струга.

Компанијата стартуваше со тест производството годинава и веќе произведува, извезува и вработува.  Заклучно со септември годинава, оствариле вкупен извоз од над 13 милиони евра и до сега имаат 324 ново вработени наши сограѓани.

Според бизнис планот на компанијата во наредните 10 години се планирани над 1.300 вработени, места кои се платени со плата поголема од просечната бруто плата во државата која што исто така е планирана да расте како што ќе расте компанијата и нејзината продуктивност, производство. Владата ги поддржува инвестициите кои креираат висока  додадена вредност, каде платите се на ниво на просекот на државата и над просекот и пред сѐ каде се вработуваат млади кадри кои својата иднина ја градат дома.

Севкупниот долгорочен план за инвестиција на „Магна Мирорс“ изнесува над 39 милиони евра за комплетирање на целата оваа инвестиција. Согласно договорот, висината на државната помош е 50% од реализираната инвестиција која ќе се имплементира преку даночни и царински ослободувања како и грантови за отворање нови работни места, за оправдани инвестициски трошоци и за зголемување на конкурентноста.

Важноста на овие глобални инвестиции е уште поголема, кога ќе се земе предвид дека се случуваат во услови на светска енергетска криза, а почна со изградба фабриката во најголемата пандемија со која современиот свет се има соочено. Придобивките се бројни, а една од нив покрај преносот на знаење и искуство е интензивирање на соработката со домашните компании затоа што оваа компанија нема да вработи само 1.300 вработени кои ќе го постигнат својот полн капацитет. Туку голем број на компании од државата ќе бидат нивни договорни компании кои ќе извршуваат производствени и услужни услуги за оваа компанија и со тоа се мултиплицира ефектот врз економијата во целиот овој регион и државата.

Ваквата соработка со локалните компании има силен придонес за севкупната економија, како на локално ниво, така и на ниво на државата.

Новата инвестицијата во Струга за нас како Влада е потврда за заложбите за рамномерен регионален развој,  за нови добро платени работни места, а со тоа и нов стимул за нашата економија. Ваквите инвестиции се јасен сигнал дека Северна Македонија нуди предвидлив деловен амбиент за компаниите, за нови инвестиции и предвидлива иднина за тоа каде се движи оваа држава. И според Индексот на „Инвестмент монитор“ за 2022 година, кој го споредува Бруто-домашниот производ во однос на странските директни инвестиции, постигнавме импресивни резултати.  Како земја сме значително над глобалниот просек кога станува збор за привлекување на гринфилд инвестиции како што е оваа. Речиси 90 проценти од инвестициите потекнуваат од нови проекти, додека останатите 10 проценти се од инвестиции во проширување.
Инвестициите во обновливите извори на енергија се водечки сектор за влезни Странски директни инвестиции во земјава со седум проекти, а веднаш потоа на второ место се рангирани секторот за автомобили како што е вашиот сектор овде, софтвер и ИТ-услуги, коишто се секој со шест инвестиции.
Ова е резултат на нашиот стабилен деловен амбиент, на членството во НАТО, како и на почетокот на преговорите со Европската Унија.
Затоа и од тука, сакам да упатам порака до инвеститорите и покрај најголемата светска криза и предизвиците пред кои сме сите исправени, да ги искористиме можностите и да го вложат својот капитал во нашата држава.

Креираме поволен деловен амбиент и еднакви услови како за домашните така и за странските инвеститори.  Креираме нова развојна економска политика и поволна бизнис клима за инвеститорите да растат, заедно со државата.

Јас силно верувам, имав и можност да слушнам дека многу млади луѓе се вработени и покажуваат интерес да работат во оваа компанија која нуди  стандарди за работа со најсовремена технологија, еднакво како во високо развиените земји, но и можност да се стекне знаење, да се стане поконкурентен и на најдобар начин да се напредува во својата професионална кариера.

Она што сакам во оваа прилика да напоменам е дека и во овие моменти на справување со предизвиците од енергетската криза во ТИР-зоните во земјава реализирани се 1.600 вработувања само од почетокот на годинава. Само во септември во компаниите во зоните се отворени над 300 нови работни места, со што вкупниот број на вработени достигна 15.600 вработени. Позитивниот тренд на раст од почетокот на годинава продолжува и во однос на извозот. Заклучно со септември извозот од ТИРЗ порасна и надмина 2,78 милијарди евра, што е највисоко во овие безмалку две децении од воспоставувањето на ТИРЗ.

Она што охрабрува е дека со новиот концепт на ТИРЗ и Владата кој го спроведуваме веќе 18 месеци и во време на глобални предизвици успеавме да постигнеме договори од над 620 милиони евра инвестиции, што е речиси две третини од вкупниот обем на донесени инвестиции во претходните 10 години. Остануваме посветен партнер на инвеститорите и ќе работиме заедно за нови успеси.

Уште еднаш, им честитам на „Магна Интернационал“, компанијата мајка на оваа фабрика, за тоа што се континуирано рангирани на листата на „Global 500” која ја состави магазинот „Fortune”, a ги опфаќа 500-те најуспешни компании во светот, како и за изборот да инвестираат во Северна Македонија, како една од 28 држави во светот каде работат над 158.000 вработени на оваа групација.

Ви благодарам и честитки уште еднаш.“

 

извор: Влада

фото: Влада