петок, ноември 15, 2024
АктуелноНаш изборНаш ИзборОхрид

Денес се празнува Свети Јован Богослов, апостол и евангелист

Син на рибарот Заведеј и на Саломија, ќерка на праведниот Јосиф. Повикан од Господа Исуса, Јован веднаш го остави татка си и мрежите рибарски и заедно со својот брат Јаков тргна по Христа. И оттогаш повеќе не се одвојуваше од својот Господ до самиот крај. Со Петар и Јаков присуствуваше при воскреснувањето на Јаировата ќерка и на Преображението на Господа на гората Тавор. На Тајната Вечера ја положи главата на градите Исусови. Кога сите други го оставија распнатиот Господ, Јован заедно со Богородица остана под Крстот. На заповед од Господ, тој потоа ѝ беше како син на Пресветата Дева и грижливо ѝ служеше и Ја чуваше сè до Нејзиното успение. По успението на Пресвета Богородица, свети Јован отиде заедно со својот ученик Прохор да го проповеда Евангелието во Мала Азија. Најмногу престојуваше и дејствуваше во Ефес. Со својата вдахновена проповед и со своето чудотворство, мнозина ги обрати во христијанството и од темел го расколеба незнабоштвото. Огорчени, незнабошците го врзаа и го пратија во Рим кај царот Дометијан. Пред царот беше мачен и биен, но бидејќи не му наштети ни најлутиот отров што му го дадоа да го испие, ни зовриеното масло во коешто го фрлија, царот се исплаши и сметајќи го за бесмртен, го испрати на прогонство на островот Патмос. На тој остров, Свети Јован мнозина ги обрати во христијанството со зборови и чуда и добро ја утврди Црквата Божја. Овде го напиша своето Евангелие и Откровението. Во времето на царот Нерва, којшто им даде слобода на сите заробени, Јован повторно се упати во Ефес каде проживеа извесно време утврдувајќи го таму своето порано започнато дело. Имаше над сто години кога се претстави кај Господа. Кога потоа учениците му го отворија гробот, не го најдоа неговото тело, но секоја година на 8 мај, од гробот излегуваше некој ситен прав, миризлив и лековит. По долгиот многутруден и многуплоден живот на земјата, овој возљубен ученик на Христос и столб на Црквата, се пресели во бесмртната и мирна радост на својот Господ.

denovi.mk