(ФОТО)Промовирана збирката раскази „Приказни од кујната“ од Марина Шикова Димовска – Ohrid1
четврток, февруари 22, 2024
АктуелноОхрид

(ФОТО)Промовирана збирката раскази „Приказни од кујната“ од Марина Шикова Димовска

Во саботата во кафе и бар „Шила“ во Охрид  беше промовирана првата збирка раскази на Mарина Шикова Димовска ‒ „Приказни од кујната“, издание на ПНВ Публикации од Скопје.

Книгата низ разговор со авторката ја претстави Јулијана Величковска, која за збирката ќе рече: „Куса исповедна проза, необични дневнички записи што следуваат еден по друг по сеќавање, не по хронологија. Небаре разгледувате албум со стари фотографии. Топли и мирисливи, но некогаш и прегорени и горчливи приказни од кујната на животот. Приказни за растењето и созревањето. Приказни што ја осветлуваат улицата на нашето детство и во сончеви и во тмурни денови. Приказни за недостигот и за љубовта.“

Марина Шикова Димовска од Охрид дипломирала на Катедрата по Македонска книжевност и јужнословенски книжевности на филолошкиот факултет „Блаже Конески“ – Скопје. Нејзини раскази се објавувани во неколку книжевни списанија, а со три раскази е застапена и во збирката „Интимно со пандемијата“, збирка раскази од 17 автори (Креативна верига, 2021). „Приказни од кујната“ е нејзина прва збирка раскази.

фото: Марина Шикова Димовска