Поводот на денешнава средба со медиумите е нашата потреба јавно да се заблагодариме до поединци и општествено одговорни институции кои покажаа голема хуманост, одговорност и грижа за здравствениот систем. Тие со значајни донации учествуваа во подобрувањето на условите во оваа установа, што влијае на вкупниот квалитет на здравствените услуги за нашите пациенти, истакна директорката на ЈЗУ Специјализирана болница за превенција, лекување и рехабилитација на кардиоваскуларни заболувања – “Свети Стефан”, Елена Ковачевска Башуроска.
Во продолжение ја пренесуваме изјавата на директорката во целост:
Со помош на овие донации ја променивме дограмата на поголем дел од објектот – во одделот за рехабилитација, болничкиот и амбулантно поликлиничкиот оддел, а делумно е реновирано и едно крило во одделот за рехабилитација.
Сакаме да изразиме огромна благодарност на сите оние кои ги помогнаа овие проекти: Трим и Лум- Струга, Кармен Бауцентар- Охрид, Инекс Олгица хотел- Охрид, Сара мебел с.Горенци – Дебарца, Хотел Лаки- Охрид, Биотек- Скопје, Крка фарма- Скопје, ПН –Метал – Охрид.
Покрај претходно наведените, за нас посебно важна инвестиција е последната, која се однесува на одделот за интензивно лекување и салата за интервентна кардиологија. Имено, во тек на последниве два месеца беше комплетно променет електростатскиот под, сменета електричната инсталција и реновирани тоалетите во овој простор кој преставува срцето на нашата дејност, каде секојдневно се водат битки за нечиј живот. За ова, огромна благодарност му упатувам на заштитното друштво Отпад -Охрид, АД Илинден Струга, Класик компани 2010- Охрид и Набизи – Струга.
Исто така сакам да потенцирам дека е во тек монтирање на новиот ангиограф добиен преку Министерството за здравство, на што долго чекавме, што секако ќе влијае врз квалитетот на услуги во одделот за Интервентна кардиологија.
Во оваа прилика сакам да го најавам одбележувањето на нашиот 40-годишен јубилејкое ќе се одржи на 29-ти септември во Катедралната црква Света Софија, а се поклопува со Светскиот ден на срцето. Тоа е можност да направиме ретроспектива од почетоците до денес со осврт на тоа каде се наоѓаме ДЕНЕС во кардиологијата во рамки на нашата држава.
Да напоменам дека овој Јубилеј е значаен не само за нас како Институција, туку и за градот Охрид и за целиот регион. Свесни за тоа, сите заедно скромно ќе го обележиме овој ден. Морам да нагласам дека за организирање на овој настан нема да биде потрошен ниту еден денар од здравствениот буџет, а за ова повторно да се заблагодарам на сите кои истиот ќе го овозможат.
За крај сакам да Ви се заблагодарам и Вам, на медиумите, кои години наназад сте мост помеѓу нас и граѓаните, и навремено и коректно информирате за сите наши активности, пренесувајќи ги сите наши пораки до нив.
извор: Кардиолошки завод Охрид