Наш ИзборНаш изборОхрид

(ФОТО) Илинден во Лазарополе и Доксологија во Бигорски

Големата вера и доверба во Бога на поединци, па и на цели народи, направиле дела чудесни и невозможни за човекот, но возможни за Бога. Бог бара добра земја во срцата човечки, каде би го посеал семето на спасението, а срцето станува добра и плодна земја токму преку верата и довербата во Бога. Пример за тоа ни е Светиот Пророк Илија. Неговата вера победила царство – царство на мрак, разврат и многубожие. Со големо дерзновение го изобличувал гревот на израилскиот народ и на царот Ахав. Неговата слобода пред Бога што произлегувала од неговиот чист и девствен живот, променила многу срца и ги вратила кон Бога. Голем чудотворец за време на животот и по смртта. Со молитва го затворил небото три години и шест месеци без дожд; со молитва спуштил оган од небото и го запалил со вода наквасениот жртвен принос; воскреснал мртовец; се удостоил да биде вознесен на огнена кочија со огнени коњи; се појавил заедно со Мојсеј на Таворската гора при Преображението на Спасителот Господ Исус Христос; и повторно ќе дојде пред крајот на овој свет за да го подготви народот Божји.

Свети Илија пламенот, огненосниот ревнител и Пророк Божји, чиј спомен неизбришливо се слави до наши дни, е пример за богољубие, извор на ревност и инспирација за големи дела кај Христијаните, особено кај нашиот народ. Нашите славни предци, тие великани на духот и слободата, обземени од огнената ревност на Пророкот, ја исполнија најголемата заповед на Христа, со тоа што ги положија своите животи за ближните, докажувајќи дека ја имаат најголемата љубов.

Нашиот возљубен Старец и Епископ, г. Партениј Антаниски, Игумен на Свештената и славна Бигорска Обител, која била поткрепа и сила на христољубивиот народ низ историјата сѐ до денес, традиционално и со голема љубов кон родот наш отслужи Света и Божествена Архиерејска Литургија во славното село Лазарополе, кое изнедри такви великани, кои важат за столбови на нашата слобода и државност и за кои со благодарност и молитва се сеќаваме. Со своето поучително наставление и боговдахновено слово, ги поткрепи нашите срца со силна вера и ревност за богољубиви и родољубиви дела, земајќи ги за пример нашите славни предци.

Убавината на денешното торжество ја збогатија благозвучните гласови на членовите на хорот „Митрополит Козма Пречистански“ од Кичево, кои умилно и молитвено пееја на Божествената Евхаристија. По богослужбата, пак, празничното ликување продолжи и на плоштадот во селото, со настапот на виртуозните свирачи на традиционални инструменти од составот „Чалгии Мерак“, кои настапија со своја пригодна програма.

По светата Литургија, нашиот христољубив и родољубив Старец, Епископот г. Партениј, заедно со браќата монаси, во Бигорската Обител го изврши чинот Доксологија (Славословие) и Панихида за нашите предци кои се бореле и ги положиле своите животи на жртвеникот на слободата на нашиот народ, молејќи се за блажен покој и царство небесно за нивните души.

 

Бигорски Манастир