недела, ноември 24, 2024
АктуелноНаш изборНаш ИзборОхрид

Целовечерен концерт со македонските уметници Томе Атанасов и Марија Ѓошевска

Во рамките на музичката програма на „Охридско лето“ , во црквата „Света Софија“ вечерва од 21 часот ќе се одржи концерт на македонските уметници, обоистот Томе Атанасов и пијанистката Марија Ѓошевска.

 

Томе Атанасов, првите едукативни насоки во музиката ги добива во средното музичко училиште во Скопје во класата на својот родител и педагог м-р Васил Атанасов. Добитник е на стипендија на престижната Interlochen Arts Academy во САД (2002) во класата на познатиот педагог Даниел Столпер, каде добива богато уметничко искуство. Студиите ги продолжува на Универзитетот за уметности во Есен, Германија во класите на проф. Пјер Фајт и Михаел Низеман.

 

Меѓу неговите ментори се вбројуваат имиња на прочуени педагози, обоисти од светот: Давид Волтер, Штефан Шили, Џон Мек, Илејн Дувас, Џозеф Робинсон, Алексеј Огринчук, Вaшингтон Барела, Христо Касметски и други.

 

Звукот на неговата мелодична,привлечна за уво интерпретација, продолжува да го носи на врвни концертни сцени на кои свири фасцинантно освојувајќи ја целосно публиката. Незаборавни се настапите со Филхармонијата на Република Северна Македонија, Камерниот оркестар „Скопски солисти”,Триото „Атанасов”, „Симфониета” Софија, но најголем подвиг се бројните настапи со Камерната филхармонија од Келн, како и многуте концертни турнеи низ Европа, Азија, Австралија и САД. Соработува со повеќе оркестри меѓу кои: Камерна филхармонија – Келн, Класична филхармонија – Бон, Филхармониски оркестар – Франкфурт, Филхaрмониски оркестар – Хаген, Вестфалиска камерна филхармонија Гутерсло, Симфониски оркестар Рур, Нова филхармонија-  Келн, Филхармонија на нациите, Симфониски оркестар „Нирвана“ од Јужна Кореја…

 

Томе Атанасов покрај бројните награди од државните натпревари за музика во земјата е лауреат на натпреварот „Mузички таленти” во Софија – Бугарија и добитник на наградата  „Феникс” за врвни постигнувања во музичката уметност за 2015 г.

Моментално е прв обоист на Националната опера и балет.

 

Марија Ѓошевска е една од најистакнатите пијанистки во нашата земја. Дипломира, магистрира и докторира на Факултетот за музичка уметност во Скопје во класата на истакнатиот пијанист и педагог проф. Борис Романов.  Добитник е на повеќе награди и признанија на голем број државни и меѓународни натпревари. Како солист и камерен музичар настапува на сите реномирани фестивали во Р. Северна Македонија но и надвор од неа во САД, Англија, Франција, Австрија, Италија, Полска, Чешка, Хрватска, Србија, Бугарија, Турција итн.

 

Настапува како солист со Филхармонијата на Република Северна Македонија, а значајни се и концертите со Симфонискиот оркестар во Дубровник, Камерниот оркестар на Музичка Младина на Македонија и фестивалскиот оркестар на меѓународниот фестивал „Охридско лето”, соработувајќи со повеќе домашни и странски диригенти. Често настапува како камерен музичар и пијано соработник со истакнати инструменталисти.  Ѓошевска е еден од македонските учесници во проектот  „Пијано – рефлексија на европската култура” со концерти во пет земји: Франција, Австрија, Полска, Молдавија и С. Македонија. Во октомври 2021 година, на покана од Маестро Антони Вит и филхармонијата во Краков, го изведе Пијано концертот бр.2 од Сергеј Рахмањинов како дел од концертната сезона 2021/22 на овој оркестар.

Во април 2016 година се закитува со престижната награда „Виртуози” за најдобар музички изведувач во 2015 година. Неколку години подоцна, во 2018 година ја добива наградата „Златна лира“ од Сојузот на музички уметници на Македонија за врвни уметнички достигнувања. Марија Ѓошевска е редовен професор и раководител на катедрата за клавишни инструменти и харфа и раководител на трет циклус – докторски студии за музичка интерпретација и композиција на Факултетот за музичка уметност при Универзитетот „Св.Кирил и Методиј” во Скопје.