АктуелноНаш ИзборНаш изборОхрид

Историско сослужение во Солун

Богородица. Самото нејзино битие создава радост, утешува, облагородува, исполнува, осветува. Таа е причина на секое добро, посредува за секое драго и на Бога угодно дело. Ненаметливо и тивко ги води нештата кон усовршување, кон полнота, кон единство во едниот Свет Бог во Троица. Таа од верните е наречена Скоропослушница, затоа што брзо ги услишува молитвите на верните и чудесно ги исполнува прозбите на оние кои ја почитуваат и љубат.

Токму Таа, Пречистата, брзопослушна Мајка наша, денес ни приготви обилна гозба на духовно веселие и спокој, во својот сечесен храм Панагуда, во осветениот од Божји угодници град Солун. Со своето нежно и моќно молитвено застапништво, Таа, преку својот верен слуга, Високопреподобниот Архимандрит г. Амвросиј, старешина на нејзиниот храм и особено драг пријател на Бигорската Обител, го повика нашиот возљубен Старец и Игумен, Епископот Антаниски г. Партениј, да отслужи света архиерејска Литургија, во нејзина чест и слава. Впрочем, со благослов на нашиот почитуван Митрополит, Неговото Високопреосвештенство г. Тимотеј Дебарско-кичевски, ова беше првото архијерејско служење на нашиот Старец во Солун и како што ѝ доликува на Онаа Која е Прва по Светата Троица, тоа се случи во нејзината славна црква. Пред очите на нејзиниот милостив лик од чудотворната икона Панагуда Скоропослушница, Старецот, заедно со нашиот гостољубив домаќин, Архимандритот г. Амвросиј и со бигорски јеромонаси и јероѓакон, отслужи Божествена Евхаристија, соединувајќи ги верните со Господа Исуса Христа. А среде нив, освен локалните жители и духовни чеда на Старец Амвросиј, беа и неколку десетици верници откај нас, а и сестри монахињи од Манастирот на Богородица Пречиста Кичевска. На певниците, пак, рамо до рамо грчкиот византиски хор, пееја и нашите протопсалти од хорот за источно-православно пеење „Митрополит Козма Пречистански“ од Кичево.,

Денешното прво сослужение во Солун претставува, навистина, историски настан, затоа што по примањето на Охридската Архиепископија во литургиско и канонско единство од страна на Првопрестолната Црква на 9 мај годинава, придонесува за задлабочување на единството и љубовта во Христа на истоверните браќа, без разлика на нивниот мајчин јазик и народна припадност, согласно зборовите Спасителови: По тоа ќе ве познаат сите дека сте Мои ученици, ако имате љубов меѓу себе (Јован 13,35).

 

Бигорски манастир