петок, ноември 15, 2024
АктуелноНаш ИзборНаш изборОхрид

„Охридско лето 2022“- автентичен дијалог со народите и културите од светот

Со концерт на врвните италијански тенори Де Акриса, Сера, Палмиа и Тарквини, кои ќе бидат придружувани од Оркестарот на НОБ под диригентство на маестро Лоренцо Бицари, на 12 јули на сцената на Антички театар, започнува 62-то издание на фестивалот „Охридско лето“.

Охрид по 62 пат, цели 40 дена – од Петровден до 20 август, традиционално ќе биде центарот на културните случувања во Македонија. На градот под Самоиловата тврдина, на нашата дамнешна потреба за нормална културна комуникација со светот, ќе му се случува „Охридско лето“ – манифестацијата која во изминатите нешто повеќе од шест децении се издигна во една од најзначајните во регионот. Членка на Европската асоцијација на фестивали.

Ова подразбира дека наспроти поигрувањето со трпението и нашето тапкање пред нејзините порти, пред портите на таа Европа, во Охрид наново ќе се случува процут на културата. Онака како и што доликува. Ќе дојдат творци од сите страни на Стариот Континент, од глобалниот Свет. Тие ќе се воодушевуваат на Чаршијата, на Билјанините извори, на Света Софија и Свети Наум, на убавината на Езерото, на традицијата која избива од секој камен, секој икона во 365-те цркви…. и на една од отворените сцени ќе го отворат срцето и преку својата имагинација ќе говорат со јазикот на уметноста. Ќе ѕидаат мостови на пријателство во земјата која и натаму упорно и судбински храбро ќе мора да се бори за вековната присутност на својот македонски јазик, за идентитетот, нашата автентична култура … за себе и своето место под сонцето во цивилизираниот свет каков што го замислува. Како „поле за културен натпревар“, како што велеше Делчев.

А, за отворање на ова 62 издание на Охридско лето е предвиден концертот на четирите врвни италијански тенори Алесандро Косентино Де Акриса, Федерико Сера, Џовани Мариа Палмиа и Уго Тарквини. Тие на сцената на Античкиот театар ќе настапат во придружба на Оркестарот на Националната опера и балет под диригентство на нивниот сонародник маестро Лоренцо Бицари.

Радио Слободна Европа