Старо-новиот тренер на ГРК Охрид, Горан Андоновски, упати извинување до навивачката група на клубот, популарните “Рибари”.
Андоновски вели дека бил рамо до рамо со нив од формирањето на клубот, заедно и во успеси и во порази, но кога бил избркан од клубот, полн со емоции, си кажале едни на други несоодветни зборови, и напоменува дека тоа треба да се поправи.
-Тие се со мене лично, од првиот ден на постоење на клубот, јас нив многу ги почитувам, многу повеќе отколку што мислат. Од првите чекори тие се со РК Охрид, значи кога немавме никакви финансии, кога 3-4 години се играше волонтерски, потоа уште 7-8 години се играше за минимални финансии, се до доаѓањето на ваучерите пред 3-4 години. Тие беа секогаш со нас, и во добро и во лошо, поминавме многу убави моменти, меѓутоа емоции се емоции, јас сум многу емотивен. Сум се одрекувал од многу работи за овој клуб и ќе продолжам да се одрекувам. Од денес цврсто стојам и ветувам дека ќе го поправам односот меѓу мене и “Рибари”. Не се решава веднаш, но чекор по чекор да го поправиме нашиот однос, да ја вратиме довербата, бидејќи и нив и мене РК Охрид ни е во срцето, мислам дека сите заедно можеме да направиме многу за клубот и за градот, истакна Андоновски.
ohrid24.mk