АктуелноОхрид

Промовиран романот „Децата на Амон“ од Робертина Ал Ашури, читателите ќе се запознаат со една димензија на македонското општество, од перспектива на припадничка на Египќаните

Синоќа во Охрид во Центарот за култура „Григор Прличев“ беше промовиран романот „Децата на Амон“ од Робертина Ал Ашури, во издание на ПНВ Публикации.
Преку романот на Ал Ашури, читателска публика, според Рубин Земон, еден од промоторите, прв пат ќе се запознае со една димензија на македонското општество, од перспектива на припадничка на Египќаните, мала заедница, која се борела и сѐ уште се бори за интеграција во општеството.

„Романот се занимава токму се еден таков случај во Охрид. Но, низ текстот можат да се препознаат и други слични случки во други градови и со припадници на други заедници. Се преплетуваат неколку многу важни теми: љубов, идентитет, стереотипи, предрасуди, поделено општество, етноцентризам, расизам, родови прашања“, истакна Земон.

Романот, како што посочи промоторот Милчо Јованоски, го отсликува Охрид од средината на 80-тите години од 20 век.

„Во него ненаметливо е проткаена и потрагата на Египќаните по своето место „под сонцето“ пресликана преку љубовта на двајца млади, кои не припаѓаат на иста вера, но се со искрена и чиста љубов и верба во себе. Во романот приказната има среќен крај ама во реалноста за жал често не е така“, забележа Јованоски.

Авторката Ал Ашури истакна дека предрасудите се тие што ги двојат луѓето едни од други, незнаењето и мислењето дека едните се подобри од другите. Смета дека е доволно само да се чувствува и разбира со јазикот на срцето, и сѐ друго е многу лесно.

„Од денот кога станав свесна за тоа која сум и што сум, на моите родители им беше многу важно да ми покажат како да излезам на крај со бремето што сум осудена да го носам низ животот. Тоа бреме ние Египќаните го носиме со илјадници години и ништо не може да се промени од генерација во генерација. Но сепак, имам надеж дека новите, младите синови и ќерки на Амон ќе можат да го носат тоа бреме подобро, ќе бидат горди, сфатени и прифатени без предрасуди“, рече Ал Ашури.

„Децата на Амон“ денеска ќе биде промовирана и во Центарот за култура „Браќа Миладиновци“ во Струга.

фото: ФБ Рубин Земон