– Од како ја започнав својата пливачка кариера до денес правам подвизи кои никој до сега ги нема направено. Секогаш сакам да ги кревам стандардите, да направам нешто поголемо, да направам нешто потешко, да го тргнам зборот невозможно од нашиот речник. Да докажам дека и кога нема да успееме, треба да ја држиме главата горе и да пробаме повторно. Да докажам дека сите можеме да успееме, без разлика на препреките кои ни стојат на патот. Ова лето јас повторно сакам да ги кренам стандардите. Затоа, ова лето, јас, Марко Пејчиновски ќе имам 10 препливувања во 10 викенди и ќе испливам 250 километри. Целта ми е да докажам дека и во Македонија има таленти и дека и овде има деца кои чекаат да им се пружи рака за да се докажат, дека и ние имаме спортски потенцијал. Сакам да ги поттикнам другите спортисти за да имаме претставници на секој натпревар, во секој спорт. Заедно да докажеме дека нашата земја не е за потценување, порача Марко преку видео порака неодамна.
Тој додаде дека датумите на препливувањата ќе бидат објавени пред секое пливање.
– Од Вас барам да ме поддржите. Знам дека нема да е лесно, но јас знам и дека ќе можам ова да го направам. Поддржете ме мене и сите други спортисти, бидејќи ние сме тие кои ја прават државата подобра, истакна младиот охридски пливач.