Денес присуствував на панел дискусија на тема „Предизвиците и современите трендови во планинското спасување во Европа“ што се одржа во Охрид.
Целта на настанот е на непосреден начин пред надлежните државни институции да се презентираат современите европски достигнувања на полето на алтернативниот туризам и да се даде придонес во решавањето на проблемот од недостиг на ефикасен систем за планинско спасување во Република Македонија и Република Албанија.
Една од главните карактеристики на планинскиот туризам е тоа што истиот нуди можност за активности во сите четири годишни времиња. Тоа е од особено значење за Охрид како туристичка дестинација, бидејќи на тој начин ќе може да се креира туристички производ во текот на целата година.
Охридскиот регион изобилува со преубави планински предели кои имаат идеални услови за развој на авантуристички спортови и планинарење, но потребно е да се обезбеди квалитетно менаџирање со ризици. Со целокупната расположлива опрема, капацитет и стручен кадар, Центарот за спасување на планина во Охрид, значително придонесе за подобрување на ефикасноста на Службата за спасување на планина и го подигна нивото на безбедност на планинарите во нашиот регион.
Верувам дека и овој нов проект кој има за цел да обезбеди безбеден зимски авантуристички туризам ќе биде успешно имплементиран и ќе ја добие потребната одржливост.
Се надевам дека заедно со останатите општини од Југозападниот регион и партнери од соседна Албанија и во иднина ќе работиме на проекти, преку кои ќе се креираат мерки за унапредување на квалитетот и содржината на туристичкиот производ, но и во делот на подобрување на инфраструктурата, која исто така е многу важен сегмент за развој на туризмот. Исто така се надевам дека нашите европски партнери, како и до сега ќе продолжат да ни ја даваат својата несебична поддршка, напиша во својата ФБ објава градоначалникот Пецаков.