News1.mkАктуелно

Предложени се четири тарифни модели за пресметка на струја за домаќинствата, кој колку ќе плаќа зависи од потрошувачката на енергија

Со измените на тарифниот систем за електрична енеригја кои ги најавува Регулаторна комисија за енергетика за потрошувачите на регулираниот пазар, поточно за домаќинствата ќе има различни цени, или различна тарифа зависно од потрошувачката на енергија, објави Република.

– Потрошувачите ќе бидат поделени во четири блокови, во првиот блок се потрошувачи кои трошат до 210 киловатчасови енергија, во втор блок се потрошувачи кои трошат до 420 киловатчасови, потоа во трет блок од 420 до 630 киловатчасови, додека во четвртата категорија се најголемите потрошувачи кои трошат над 630 киловатчасови енергија. Дополнително со новиот тарифен модел ќе се читаат броилата на 35 дена, за да нема сомнеж дека на некој му бил наплатен поголема сума ако пресметките влезат во следниот месец, – вели претседателот на Регулаторна, Марко Бислимоски.

Тој дополни дека кај 87 проценти од домаќинствата во зимските месеци ќе имаат намалени трошоци, но кај останатите, кои се големи потрошувачи ќе има зголемување на сметките. Во исто време, во летниот период се очекува кај 92 отсто од потрошувачите да има намалена потрошувачка и намалени сметки, додека пак кај останатите зголемена сума.

Со овие измени не можат да се решат сите проблеми во енергетскиот сектор. Првпат се воведуваат тарифите и се приближуваме кон светските текови. Со овие измени исто така се исполнуваат нашите обврски од членството во европската енергетска заедница и целите на третиот енергетски пакет. Секој потрошувач сега ќе знае колку е набавната цена на енергијата и колку е мрежарината – дополни Бислимовски.

Ова беа дел од посочувањата на јавната трибина која ја организираше РКЕ по повод презентација на реформата на тарифниот систем за електрична енергија, или воведување на блокови согласно потрошувачката, на која зборуваа професори од Факултетот за електротехника и информациски технологии и Машинскиот факултет при Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“.

По презентацијата на новите модели, професорот Константин Димитров посочи дека има една неправда според него во новите модели, а тоа е податокот дека голем број домаќинства во Македонија имаат неколку семејства во еден објект со едно броило.

Во Македонија посиромашните семејства живеат по 10 луѓе во една куќа. Родителите со синот и снаата и внуците, па може и уште некој син и снаа… Не видовме дали има опција по број на становници да се дели потрошувачката. Очекувано е дека со еден до двајца потрошувачи во едно домаќинство, каде има едно броило да имаат многу помала потрошувачка отколку кај домаќинства со едно броило но со десетина члена. Ова сметам дека е голема неправда – појаснува Димитров.

 

извор: Република

фото: република