АктуелноОхрид

Пецаков на Меѓународна конференција „75 години Институт за педагогија“: Педагогијата е најблагородната наука, бидејќи таа е темелот и расадникот на сите други науки

Почестен сум и навистина ми е драго што што сум дел од свеченото отворање на оваа значајна Меѓународна научна конференција и што имам можност да Ве поздравам во името на прекрасниот Охрид, кој е Ваш срдечен домаќин.

Најнапред сакам да упатам искрени честитки до Институтот за педагогија при Филозовскиот факултет за 75 годишниот јубилеј и да искажам големо признание за целокупниот придонес, како најстара високообразовна институција за едукација на педагози, наставници и воспитувачи во нашата држава, истакна во своето обраќање денеска градоначалникот Кирил Пецаков на Меѓународната научна конференција – 75 години Институт за педагогија.

„Одржувањето на овој академски собир токму во Охрид има голема симболика, затоа што ова е центар на словенската писменост и култура. Ова е духовно светилиште на Свети Климент и Свети Наум, дом на ловороносецот Григор Прличев и место кое низ својата долговековна историја израснал повеќе личности кои играле важна улога во афирмацијата на просветителството и оставиле белег на своето време.
Почитувани, Педагогијата е најблагородната наука, бидејќи таа е темелот и расадникот на сите други науки и на сите други професии. Во животот на секој голем доктор, правник, инженер, научник, уметник или политички лидер, постои барем еден учител, кој оставил значајна трага, кој бил мотив и патоказ кон остварување на соништата.
Сите ние треба да им оддаваме посебна почит на нашите учители, затоа што тие ја имаат најголемата заслуга за она што сме денес, тие не научија да чекориме кон успехот и да бидеме најдобрата верзија од себе“, истакна Пецаков пред присутните и додаде:

„Учителот е нашиот прв авторитет по нашите родители и има голема заслуга за нашето воспитание, поведение и нашето знаење. Учителот е збир на мудрост, дисциплина и емпатија. Учителот е интелектуален и духовен водич кој дава мотивација и инспирација за младите умови да растат и да го достигнат својот потенцијал.
Се надевам дека на оваа конференција ќе бидат разменети значајни искуства од воспитно образовната политика и дека истата ќе придонесе за развој на нови и современи педагошки мерки.
Ви посакувам со уште поголем ентузијазам да продолжите да создавате успешни педагози, кои ќе образуваат успешни генерации и ќе имаат капацитет да го направат светот подобро поубаво место за живеење.
Ценети гости,
Охрид е скапоцен бисер не само за нашата држава туку и за целиот свет, па затоа неговото природно и културно богатство е под закрила на УНЕСКО. Охрид е една жива разгледница и вистинска привилегија е можноста да се доживеат сите негови убавини. Затоа Ве поканувам, вашиот престој тука да го искористите за посета на впечатливите културни знаменитости и да уживате во сите природни убавини на нашиот град“, истакна градоначалникот.