АктуелноОхрид

Меѓу деветте предложени кандидати за уставни судии и Охриѓанецот -Јавниот обвинител од ОЈО Охрид, Воислав Димоски

Девет кандидати за судии на Уставниот суд предложија членовите на собраниската Комисијата за прашања на изборите и именувањата на денешната седница.

Пратениците од власта ги предложија републичкиот јавен обвинител Љубомир Јовески, граѓанскиот судија во Апелациониот суд во Скопје Фатмир Скендер и Тања Васиќ Бозаџиева која работи во Министерството за правда како државен советник за граѓанско законодавство.

Пратениците од опозициската ВМРО-ДПМНЕ предложија шест кандидати: универзитетските професори Саво Климовски и Родна Живковска, судијата во пензија Бранко Секуловски, обвинителот Тодор Витларов, судијката од Управниот суд Весна Јовановска и Воислав Димовски, јавен обвинител од Основното јавно обвинителство во Охрид.

Пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошоски во рамки на седницата предложи кандидатите за уставни судии да имаат лично обраќање и претставување во времетраење од 15 минути за, како што рече, пратениците да можат освен биографијата, од предложените кандидати за уставни судии во живо да ги видат и да ги слушнат нивните размислувања за работата на Уставниот суд, за нивните познавања за надлежноста на Судот и нивните лични биографии и размислувања во однос на тоа зошто тие сметаат дека секој од нив да биде компетентен или добар совесен член на Уставниот суд во иднина.

извор и фото: Охрид 24