недела, ноември 17, 2024
АктуелноНаш ИзборНаш изборОхрид

ИПА Охрид се збратимува со ИПА Нови Сад

Утре во Охрид, ќе биде потпишана Повелбата за збратимување помеѓу ИПА регион Охрид и ИПА регион Нови Сад. Интернационалната полициска асоцијација (ИПА) регион Охрид, викендов ќе биде домаќин на делегација од Управниот одбор на ИПА регион Нови Сад, предводена од претседателот, м-р Милорад Петковиќ. Предвидено е, на пригодна свеченост што ќе се одржи утре вечер во хотелот „Нова Ривиера” во Охрид, помеѓу управните одбори на ИПА Охрид и ИПА Нови Сад, предводени од претседателите Стефан Димоски и Милорад Петковиќ, да се потпише Повелба за збратимување помеѓу двата ИПА региони.
На свеченоста, свое обраќање, покрај претседателите на двата ИПА региони, ќе има претседателот на ИПА Македонија Робертино Ацевски и советникот во Советот на општина Охрид, Перчо Божиновски. Средбата ќе биде добра можност за размена на професионални искуства, размена на идеи и натамошни форми за подигнување на степенот на меѓусебната ИПА полициска соработка. Гостите од ИПА Нови Сад, ќе ги посетат и најзначајните црковни и културно-историски објекти во Охрид.
ИПА Охрид е дел од националната секција ИПА Македонија а со тоа и дел од најголемата ИПА полициска организација во светот, во која, членуваат полициски службеници од стотина земји. Целта на ИПА е промовирање и поттикнување на меѓународната професионална полициска соработка и едукација, градење на пријателство помеѓу членовите на полициската служба, развој на туристичките и културните врски меѓу земјите членки на ИПА и други вредности и принципи, усвоени од  Обединетите нации  ( ОН )  во 1948 година. Интернационалното Есперанто ИПА  мото е  „Servo per Amikeco” – „Служиме низ пријателство”.