АктуелноОхрид

Повеќе од триста групи од Украина и Русија го откажале доаѓањето во Охрид и Струга

Туристичкиот водич Александар Андоноски од Охрид повеќе од дванаесет години им раскажува за убавините на неговиот град, на туристите кои доаѓаа од Русија и Украина. Но, сега поради руско-украинскиот конфликт, сите планови остануваат само на хартија, објави mk.voanews.com. 

„Многу време и финансии се потрошија на пробивање на тој пазар. Исто така и охридските угостители, сопствениците на пловила се задоволни и тие ги очекуваа и оваа година“, вели тој.

Повеќе од 300 групи од Украина и Русија досега се откажани и нема да го посетат Охрид од мај до октомври. За оваа сезона интересот бил многу поголем од минатите години. Имало резервации со гости и од Азербејџан, Казахстан, Молдавија и Латвија.

„Доколку минатата година од Русија во Охрид летуваа преку 3000 туристи, индивидуално или групно, а од Украина беа транзитно и со ноќевање во Охрид повеќе од 200 групи, годинава таа бројка е сведена скоро на минимум, односно на нула“, додава тој.

Откажани се и сите авио линии од овие дестинации, иако имало најава за отварање и на нови.

На почетокот се потсетува Александар, било многу тешко. Гостите кои доаѓале од овие пазари, или само транзитирале низ земјава, или пак доаѓале на кратки посети во Охрид, додека одмарале во некоја од соседните држави.

извор: mk.voanews.com.