петок, ноември 15, 2024
АктуелноНаш ИзборНаш изборОхрид

Велики Вторник: на мудрите девојки вторникот пред Пасха

На светиот и велики вторник правиме спомен на евангелската приказна за десетте девојки. Господ наш Исус Христос им говореше вакви приказни на своите ученици, додека влегуваше во Јерусалим, пред своето страдање. Со приказната за десетте девојки, Господ поттикнува на милост, и воедно ги поучува сите луѓе подготвено да го дочекаат крајот. Петте девојки, Он ги нарекува мудри, затоа што тие на девственоста ѝ го придодадоа обилното и скапоцено масло на милоста, а другите пет, ги нарекува неразумни, затоа што немале соодветна милост, иако и нив, исто така, ги одликувала девственост. Тие се луди, затоа што исполнувајќи го поголемото, го пренебрегнале помалото, та затоа, по ништо не се разликуваат од блудниците: блудниците ги победило телото, а нив – имотот. Кога проаѓаше ноќта на овој живот, сите тие девојки задремаа и заспаа, т.е. умреа, бидејќи тука под сон се подразбира смртта. А среде нивниот сон, на полноќ, настана викотница, се отворија вратите, и оние, коишто се беа снабдиле со изобилство масло – влегоа со женикот, а лудите, коишто не зедоа доволно масло, почнаа да бараат, тогаш кога се разбудија. Иако сакаа, мудрите не можеа да им дадат на неразумните, бидејќи беше време за самото влегување (во брачните одаи), и затоа им одговорија: да не би да не ни стигне и нам и вам, подобро одете кај продавачите, т.е. кај сиромашните и купете. И, покрај сè, лудите девојки, коишто беа дошле без светлина, извикуваат удирајќи по вратата: Господару, Господару! Отвори ни. Но, Самиот Господ го изговара оној страшен одговор: Одете си, ви велам, не ве познавам. Како ќе го видите женикот, кога го немате виното на милоста? Богоносните отци, значи, ја ставиле оваа приказна, за да нè поучат секогаш да бидеме будни и подготвени да го дочекаме вистинскиот Женик, со добри дела и првенствено со милост, бидејќи не го знаеме денот и часот на крајот, токму како што Јосиф, со својот пример, нè учи да здобиеме целомудреност, а смоквата – секогаш да донесуваме духовен плод. Кој ќе го исполни едното, дури и поголемото, а второто, особено милоста, ја заборави, тој нема да влезе со Христа во вечната починка, туку посрамен ќе се врати назад, бидејќи нема ништо посрамно и пожално од девственоста, којашто е победена од страста кон богатството.

 

денови.мк