петок, ноември 15, 2024
АктуелноНаш ИзборНаш изборОхрид

Охриѓаните Томе и Кристијан Љушеви дел од екипата која го работеше документарниот филм „1.000 години – Сведок на Светлината“

Охриѓаните Томе и Кристијан Љушеви беа дел од екипата која го работеше документарниот филм „1.000 години – Сведок на Светлината“

– По молитвите на Св. Јован Крстител и на мојот духовен татко Партениј Епископ Антаниски и Игумен Бигорски, ни беше укажана чест мене и на мојот внук Кристијан Љушев да бидеме во екипата која работеше на овај документарен филм, порача познатиот охридски фотограф Томе Љушев на неговиот профил на Facebook.

Ова не е прво признание за работата на Томе Љушев- Шпанец. Во 2017 година тој го освои Златниот медал УНИКА на 25-от Фестивал на аматерски документарен филм „Камера 300“, што се одржа во Битола. Љушев со неговиот документарец „Страсна недела-Бигорски манастир“, кој беше дел од официјалната програма, тогаш ги освои симпатиите на меѓународното жири на фестивалот.

Во НУ Македонски народен театар синоќа се одржа премиерата на документарниот филм „1.000 години-Сведок на светлината“, во режија на Илија Ико Каров, посветен на Бигорскиот манастир, по повод големиот јубилеј на манастирот, кој го доловува духовниот монашки континуитет низ вековите. Премиерата на документарниот филм паралелно се емитуваше и на Националниот сервис, на каналот YouTube, како и на официјалните Facebook страници на филмот и на Бигорскиот манастир.

Режисерот Каров истакна дека овој филм говори за љубовта, постоењето, заборавените вредности, духовната преобразба и е морално патување нагоре кон вечноста. Во рецензијата на филмот напишана од етнологот Владимир Деловски се вели дека филмот е автентичен, вистинит, а во неговата срж е љубовта.

Документарниот филм „1.000 години – Сведок на Светлината“ на „Кат продукција“ е сниман речиси пет години.

ohridpress.com.mk