АктуелноНаш изборНаш ИзборОхрид

(ВИДЕО) Промовирана книгата ,,Другаруваме со Лили и Вили,, од младата авторка Матеа Стоев

Денеска во прекрасниот амбиент на бродот Армада на Охридското езеро се одржа промоција на  книгата ,,Другаруваме со Лили и Вили,, од младата авторка Матеа Стоев, а  во издание на ЕДУКА МАК.

Пред бројната публика,проф. Д-р Кристина Николовска, како еден од рецезентите, ќе рече дека станува збор за репрезентативно, свежо во изразот и во содржините, луксузно издание во реализацијата, врвна стилска вредност во секој поглед, а сето тоа со многу љубов кон најмладите читатели.

„Книгата се чита во еден здив. Вашето возбудливо патување со овие ликови кое ја фасцинира мудроста на авторката која е инзвонредно млада и прекрасна, мудра убавица, но и убава мудрица, плени со голем стилски раскош, мајсторство во нарацијата и тече како жива и неуморна река. И така ако другарувате со прекрасните ликови Лили и Вили, во прекрасен сончев ден ќе отпатувате на пикник во природа, весело ќе ги славите празниците, ќе прошетате со панорамскиот автобус, ќе уживате ќе се забавувате, но и ќе се едуцирате. Оваа книга и само оваа ќе ве поттикне и научи како да сонувате, да посакувате, да верувате, но и како да ги остварувате своите цели. Лили и Вили ќе ве научат на вистинските вредности во животот. Оваа книга е вистинска сладост за очите, но и за душата и мислата“, вели Николовска.

Пред присутните се обрати и рецезентот м-р Роза Костеска – воспитувач во детската градинка „Јасна Ристеска“.

„Расказите ги оплеменуваат читателите со желба да помагаат, со значењето на дарувањето и благодарноста. Пред нас е книга која се чита и се пречитува по стотина пати. На крајот на секој расказ како круна постои порака до секој кој ќе ја земе оваа книга во рака. Од пораките произлегува ненаметливо идејата што авторката сака да ја покаже. Расказите се доволно можни сами по себе да испратат значајна порака до секое дете и да го отворат прозорецот кон здраво растење“, рече Костеска.

Книгата претставува збирка со куси раскази наменети за најмладата читателска публика , а ова е втора книга од младата авторка која има за цел, децата преку расказите да другаруваат со две нови другарчиња, од кои ќе учат да ги негуваат позитивните животни вредности.

„Токму оттука потекнуваше и мојата инспирација, од младите, од нашите секојдневни доживувања кои кај мене ја будеа фантазијата да ги преточам во приказна која ќе умее да ги научи на нешто убаво, а убавите нешта се учат од најмали нозе. Токму тоа беше и мојата цел, другарувањето со Лили и Вили да го развие чувството на емпатија, на почит, на љубов, на благодарност, на вредноста на семејството и почитта кон постарите. Да не потсетат дека семејството и другарството се најважни и уште многу други нешта кои ќе не изградат во добри луѓе. Токму затоа ќе бидам многу среќна ако оваа книга се најде во библиотеката на секое дете и успее да ја пренесе мојата цел“, рече Стоев.

Уредник на книгата е М-р Ели Маказлиева, графичкиот дизајн на Владимир Младеновски, лектурата на д-р Лилјана Пандева, а рецензенти се проф д-р Кристина Ниоловска, и м-р Роза Костеска, воспитувач во детската градинка ,,Јасна Ристеска,,