АктуелноОхрид

Државниот инспекторат за животна средина спроведе вонреден надзор кај вливот на реката Грашница во Охридското Езеро

Врз основа на добиена претставка од граѓани на платформата за пријави на Државниот инспекторат за животна средина (ДИЖС), денеска, во 16:30 часот беше извршен вонреден инспекциски надзор од страна на Државен Инспектор за животна средина од охридската канцеларија на Одделението за инспекциски надзор во животната средина кај вливот на реката Грашница во Охридското Езеро во населбата Воска, објави ОхридПрес.

– Константирано е дека од реката Грашница се влива матна вода најверојатно како последица на зголемениот водостој на водите по обилните врнежи од дожд и топењето на снегот. Веднаш до фудбалското игралиште има два испусти за атмосферски води од кои во моментот на увидот течеше заматена вода која веројатно е измешана со фекална вода од колекторскиот систем. Исто така направен е увид во препумпната станица во населба Даљан каде што станицата беше во функција, информираат од Државниот инспекторат за животна средина.

Додаваат дека согласно регулативата одведувањето на отпадните и урбани води е во надлежност на општинската инспекција, поради што бил известен овластениот инспектор од Општина Охрид кој излегол на увид, а во меѓувреме биле контактирани и надлежните служби од ЈП „Колекторски систем“ кои излегле на лице место и во присуство на Државен инспектор за животна средина, раководителот на општинскиот инспекторат и овластен инспектор за животна средина, било константирано дека од испустите не истекува никаква вода.

– Потоа беше направен увид во препумпната станица во населба Даљан каде што беше константирано дека нивото на отпадна вода во базенот е намалена. Од страна на стручните служби беше изјавено дека има дополнителна потопна пумпа која автоматски се приклучува. Исто така беше извршен увид и по текот на реката Грашница (Сушица) на улицата „Железничка“, „Прилепска“ и „15-ти корпус“ каде што водостојот е значително зголемен и водата е матна, потенцираат од инспекторатот. (Крај)

извор: ОхридПрес