АктуелноОхрид

Најпрепознатливата бензиска станица во земјава слави 50 години

Бензинската станица „Билјанини извори“, што е дел од мрежата на „Макпетрол“, денеска ја одбележува 50-годишнината од отворањето. Препознатливиот и импозантен кружен објект, којшто се наоѓа на излезот од Охрид, на патот кон селото Велестово, е пуштен во употреба на 7 април 1972 година. Автор на проектот е архитектот Ѓорѓи Голев, додека изведувач на армираните бетонски конструкции е „Гранит“, а на металните конструкции, „Коце Металец“.

Значењето на овој објект го истакнува и Асоцијацијата „МАРХ – Македонска архитектура“, која што преку интернет-порталот marh.mk работи на популаризација и признание на оваа дејност во земјава.

– Половина век опстојување е првиот праг кон историска потврда и признание од една страна, а од друга – причина за одново размислување за вредностите на градбите кои опстојуваат. Бензиската станица „Билјанини извори“ е специфично решение совршено поставено насреде значајна сообраќајна раскрсница. Тоа е произлезено од соодветните архитектонски анализи кои потекнуваат од сообраќајната логика на свртување – кружен ток и смелите конструктивни можности кои ги дозволува рамномерното урамнотежено пренапрегнување преку централна вертикала. Авторот Ѓорѓи Голев и соработниците, достојно одговориле на професионалниот повик и задача. Објектот е редок пример на домашната сцена кој ја сочувал сопствената оригиналност, создавајќи функционална монументалност која е невозможно да ја игнорирате – велат од МАРХ.

marh.mk