АктуелноОхрид

Одбележана 130-годишнината од раѓањето на академик Синиша Станковиќ, основоположник на ЈНУ Хидробиолошки завод – Охрид

Одбележана 130-годишнината од раѓањето на академик Синиша Станковиќ, основоположник на ЈНУ Хидробиолошки завод – Охрид, великанот во лимнологијата и во научната мисла воопшто, вљубеник во Охридското Езеро, негов голем познавач и промотор.

На истекот на Билјанини извори во непосредна близина на Охрид во 1935 година изградена е хидробиолошка станица, која 16 години подоцна прераснува во завод, поврзан со канал кој води до Охридското Езеро. Нејзин основач и најзаслужен за афирмација на Охридското Езеро е професорот Синиша Станковиќ, истакна денеска професорот и претседател на Советот на Хидробиолошкиот завод – Охрид Трајче Талевски.

Директорката на Хидробиолошкиот завод – Охрид, Орхидеја Тасевска преку видео презентација ги офати сите видни имиња, кои истражувале и твореле за слатките води, нивниот жив свет и законите на природата и дале придонес за развојот на научната мисла во Македонија.

– Основањето на оваа институција претставува пресврт во истражувањата на уникатното Охридско Езеро, бидејќи се создадени предуслови за продолжување на систематското проучување на езерото и богатата флора и фауна со бројни ендемични и реликтни видови. Тогашната Хидробиолошка станица ја премостува Втората светска војна, ги развивива своите потенцијали и прераснува во Завод, истакна Тасевска.

Во 1961 година Заводот станува самостојна научна институција, која во 1994 година е запишан во регистарот на организации за научно-истражувачка дејност во Македонија, а денес е Институција од стратешко значење за државата.

– Плодната научно истражувачка работа на научниот кадар резултира со голем број научни трудови објавени во домашни и престижни меѓународни списанија. Својата активност Заводот ја прошурува и преку соработка со други научни институции од земјата и странство, како и со учество во бројни регионални, национиални и меѓународни научно истаржувачки проекти. Во тек е спроведување на активности во три меѓународни и два национални проекти. Институтот врши и активна заштита на животната средина преку многубројни предавања. Има многу значајна едукативна, но и просветна и културна мисија, додаде Тасевска.

И професорот Александар Трајков, продекан за настава на Факултетот за туризам и угостителство Охрид при универзитетот Св. Климент Охридски Битола забележа дека Станковиќ, е еден од оние кои оставиле најголемо обележје во науката во Охрид, преку своите научни дела дава огромен придонес во науката која се однесува на екологијата, хидробиологијата и на природните науки.

– Едно од неговите најзначајни дела, кое има исклучително значење за правецот во којшто се одвивала и самата наука во Македонија е токму основањето на Хидробиолошкиот завод, кој подоцна прераснува во Јавна национална установа и тоа што како резулатат негов е токму формирањето и на Универзитето Св. Климент Охридски во Битола, рече Трајков.

На одбележувањето на годишнината од раѓањето на Станковиќ, присуствуваше и директората на истоимениот Институт за биолошки истражувања од Белград, Мирјана Михајловиќ, која се осврна на почетоците на Институтот во 1965 година кога директор бил токму Станковиќ.

извор; МИА