Веќе 16 години жителите од Горна Влашка маала, чии куќи се во близина на ОУ “Христо Узунов”, се соочуваат со бројни проблеми кои, како што велат, се предизвикани од самата поставеност на училиштето, неговото отворено игралиште, како и постојаната отвореност на двата постоечки влеза.
Велат, дење сме изложени на галама и бучава од големиот број на деца кои доаѓаат на игралиштето, а кои често се и од други делови на градот, а ноќе од млади лица кои просторот го користат за собирање и девијантно однесување, објави Охрид 24.
Посочуваат дека последиците од бучавата не се само директни, туку имаат и негативни здравствени ефекти, како што се вознемиреност, нарушување на спиењето, нарушување на менталното здравје, кардиоваскуларни заболувања.
Потсетуваат дека пред неколку години беа искршени сите прозорци во училиштето, а неретко се случува и во нивните домови да биде нешто искршено од топките кои прелетуваат од игралиштето или пак од камења, кои некои од младите ги фрлаат кон нив.
“Нашите дворови се претворени во депонии, децата кои поминуваат оттука, или пак младите кои се собираат навечер тука, цело ѓубре го фрлаат кај нас. Има и моменти кога буквално сме каменувани, кога ќе им кажеме да не прават проблеми”, вели еден од жителите, кои сака да остане анонимен.
Во овие 16 години се имаат обратено до сите надлежни и релевантни институции, како што се директорите на училиштето, Училишниот одбор, полицијата, народниот правобранител, општина Охрид, градоначалниците на Охрид и Советот на општината, но никој од нив не нашол слух за решавање на проблемот.
Додаваат дека последните четири години, со актуелната директорка немале никаква соработка. Во неколку наврати побарале да се затвараат двата влеза на училиштето и да се воведе чуварска служба, но ништо не било преземено.
Минатата година се обратиле до Министерството за локална самоуправа, од каде им одговориле дека нерегулираноста на влегувањето во дворот на ООУ “Христо Узунов” треба да биде решена во најскоро време и институциите треба да пристапат веднаш кон решавање на проблемот.
“Сметаме дека мирот и неповредливоста на домот како едни од основните човекови права кои се цврсто загарантирани со Уставот и со законските прописи, не смеат да трпат узурпација, ниту злоупотреба по никаков основ или причина. Ќе настојуваме претставниците од Министерството за внатрешни работи, како и претставниците на општина Охрид, но и одговорните лица во училиштето во најскоро време да најдат решение за овој проблем и истиот во координација со Вас да го решат”, се додава во одговорот од Министерството за локална самоуправа.
Жителите бараат игралиштето кое што е лоцирано меѓу куќите, од некои оддалечено само неколку метри, да се заврти истoк- запад, за истото велат има решение, да се постави чуварска служба, да има соодветна техничка заштита, и двата влеза да се затвараат после работното време.
Тие се надеваат и очекуваат новата локална самоуправа, предводена од градоначалникот Кирил Пецаков, претседателот на Советот, Сашо Донев, и секретарот Александар Китески, да покаже слух за проблемот и истиот во координација со засегнатите страни биде конечно решен.