На денешен ден (први март по стариот календар), Светата православна црква го празнува споменот на Светата преподобна маченица Евдокија – родена во феникискиот град Илиополе. Преданието сведочи дека како девојка била многу убава и дека со неморал спечалила огромно богатство. Во тоа време по вера била Самарјанка. Подоцна го примила Христијанството, го напуштила расипничкиот живот, имотот го поделила на сиромашните христијани и се закалуѓерила. Во манастир минала 56 години. По наредба на тогашниот управник на Илиополе била исечена со меч во 152 година.
Со празникот посветен на нејзиниот спомен започува месецот март, а според некои и новата година.
Први март уште се вика и Летник, зошто според верувањата тогаш започнува летото. На овој ден низ цела Македонија се изведуваат богати обичаи кои врз магиски принцип треба да обезбедат заштита од разни штетници, од змии, болви, од шумски ѕверови, но и здравје на луѓето во претстојната работна сезона.
Најголем дел обичаи поврзани со овој празник се случуваат вечерта спроти празникот. Тогаш се бере кукурек и се запотнуваат куќите, плевните, шталите, потоа посебно се запотнуваат креветите, ношвите, огништето, амбарите, леите, плугот и др. Се верува дека потката ќе ги чува овие објекти како и луѓето и добитокот од разни болести и други несреќи.
Меѓу позначајните обичаи на овој празник е правењето мартинки. Тие најчесто се прават од бел и црвен конец околу вратот или на рацете и нозете. Најчесто ги носат децата, но во некои краеви ги носеле сите членови во семејството како магиска заштита од несреќи.