АктуелноОхрид

(ФОТО) Пецаков: Го интензивираме процесот за изградба на нова училишна зграда на ООУ „Братство Единство“

Го интензивираме процесот за изградба на нова училишна зграда на ООУ „Братство Единство“. Проектот предвидува комплетна изградба и опремување на нова училишна зграда и изградба на нова спортска сала. Новиот училишен објект ќе обезбеди значително подобрени и посовремени услови за одвивање на наставата и поквалитетен образовен процес, напиша на својот ФБ профил градоначалникот Кирил Пецаков. Во објавата градоначалникот додава:

Денеска во седиштето на Турската агенција за соработка и координација –ТИКА во Скопје остваривме работен состанок во врска со интензивирање и динамизирање на процесот за изградба на нова училишна зграда за ООУ „Братство Единство“ во непосредна близина на „Крст Џамија“.

Ја истакнав заложбата и посветеноста на Општина Охрид за конечна реализација на овој проект. Воедно изразив жалење за застојот во активностите, пред се поради досегашната непосветеност на локалната самоуправа за конечна реализација на овој значаен проект.

Претставниците на ТИКА изразија задоволство од преземените активности, при што беше договорено да се продолжи со понатамошниот тек на активностите, во насока на обезбедување на потребната документација и издавање на одобрение за градба од страна на Општина Охрид. Исто така, во текот на наредниот период ќе се пристапи кон финализирање на проектната документација од страна на ТИКА. Потребно е да се направи нова предмер пресметка, согласно новите цени на пазарот и да се побара финално одобрување од Република Турција за оваа важна инвестиција.