среда, ноември 20, 2024
АктуелноОхрид

Од 1 до 7 март во Охрид ќе се одржи Генерално собрание на Интернационалната федерација на медицински студентски асоцијации

Surgeon, surgical doctor, anesthetist or anesthesiologist holding patient's hand for health care trust and support in professional ER surgical operation, medical anesthetic safety, healthcare concept

Македонската медицинска студентска асоцијација (ММСА) соопшти дека од 1 до 7 март во Охрид ќе се одржи 71. Генерално собрание на Интернационалната федерација на медицински студентски асоцијации.

Годинешната тема на Собранието е „Тргни. Напредувај. Успеј. Заедно градејќи за ранливи групи на жени и адолесценти“.

Голем број светски експерти, претставници на организациите со кои соработуваме, особено СЗО, ќе дискутираат заедно со нас на темата и мерките кои се преземаат за да се соочиме со проблемот. Сите сме засегнати, промените се неопходни. Очекуваме одлични резултати и продуктивни седум дена во Охрид. ММСА на Генералното собрание во март 2020 година што се одржа во Руанда се кандидираше да биде домаќин на наредното Генерално мартовско собрание при што ја доби честа да организира настан од ваков калибар. Ова достигнување е едно од најголемите не само за нашата организација, туку и за нашата држава воопшто – велат од Македонската медицинска студентска асоцијација.

ММСА претставува невладина организација составена од студенти и млади лекари која веќе 75 години успешно спроведува агенда со многубројни проекти.

Нашата цел и визија се да бидеме дел од подобрувањето на квалитетот на медицинската едукација во Република Македонија, да овозможуваме професионални и истражувачки размени на студентите ширум светот и да обезбедиме сигурна и прифатлива средина за студентите по медицина во нашата земја – велат од ММСА.

ММСА е членка на Интернационалната федерација на медицински студентски асоцијации, која претставува ќерка организација на СЗО и како членови брои медицински студентски асоцијации од над 130 држави во светот.

Интернационалната федерација на медицински студентски асоцијации одржува генерални собранија секоја година во март и во август. На овие состаноци каде присуствуваат над 1000 студенти, се одржуваат дискусии за актуелните глобални здравствени приоритети и самите студенти директно се вклучуваат во светските здравствени политики – информираат од ММСА.