Тимот студенти на насоката Гастрономија од Факултетот за туризам и угостителство-Охрид забележа огромен успех на XVIII меѓународен гастрономски натпревар во Истанбул, Република Турција. Екипата студенти од ФТУ-Охрид достојно ја претстави Република Македонија на овогодинешното издание на меѓународниот гастро фестивал.
Студентите од ФТУ-Охрид, Христијан Јорданоски, Роберт Тодорчев и Стефан Аврамоски кои ја претставуваа Република Македонија се закитија со две златни, една сребрена и три бронзени медали во индивидуална категорија.
На последниот натпреварувачки ден 25ти декември, тројцата студенти од ФТУ-Охрид ја освоија највисоката награда во категоријата „мистериозна кутија“ (Black Box), имајќи само 30 минути време да подготват врвен специјалитет со непознати намирници. Организаторот на фестивалот ги одликува македонските натпреварувачи со златни медали и им ја врачи Гран При наградата „Златно Тавче“.
Селектор на екипата е доц. д-р Климент Наумов, кој од неодамна е назначен за раководител на студиската насока Гастрономија при Факултетот за туризам и угостителство од Охрид. Во изминатиот период тимот трудољубиво работеше и вежбаше во факултетскиот кабинет по готварство под менторство на професорот Наумов, а во координација со м-р Момчило Цониќ од Лесковац, Србија, експерт од областа на готварството и докторанд на охридскиот факултет.
Сите тројца студенти учествуваа во категоријата сениори-практично во силна конкуренција од преку 700 натпреварувачи.
На 22ри декември Христијан Јорданоски освои златен медал, Стефан Аврамоски освои бронзен медал, а Роберт Тодорчев се закити со бронзен медал и тоа во категоријата специјалитети од пилешко месо.
На 23ти декември Христијан Јорданоски освои златен медал, Роберт Тодорчев освои сребрен медал, а Стефан Аврамоски бронзен медал во категоријата паста.
На денешниот последен ден од фестивалот (25ти декември), македонската екипа од Факултетот за туризам и угостителство-Охрид ја освои гран при наградата во категоријата „мистериозна кутија“.
Mеѓународниот гастрономски фестивал Истанбул, кој по 18-ти пат го организира Федерацијата на готвачи и шефови на кујни на Турција (COCFED), се одржа во Евроазискиот Саемски Центар (Avrasya Fuar Merkezi). Настанот беше во заедничка организација со Светската асоцијација на здруженија на готвачи (WACS). На овогодишниот фестивал учествуваа повеќе од 3500 натпреварувачи од целиот свет.
Овие достигнувања на нашите студенти претставуваат огромен успех во промоцијата на македонската гастрономија во светски рамки.