„Независен“: Димитров за претседател, Шекеринска и Пендаровски министри?


Никола Димитров да биде кандидат за претседател, Радмила Шекеринска да го заземе неговото место во Министерството за надворешни работи, Стево Пендаровски да се трансферира во Министерството за одбрана, а Оливер Спасовски да остане „прв полицаец“. Ова е една од варијантите за која се размислува во Социјалдемократскиот сојуз откако овие четворица истакнати претставници на власта искажаа амбиции да се кандидираат за шеф на државата, пишува „Независен“. Стравувајќи од меѓусебни конфронтации, кои би се одразиле и врз резултатите од изборите, но и врз внатрешните односи во владејачката партија, на „Бихаќска“ тактизираат и бараат решение што би било прифатливо за сите потенцијални кандидати.
Огласот во СДСМ сѐ уште трае, а засега не се открива дали некој се пријавил. Претседателот на СДСМ, Зоран Заев вчера уште еднаш повтори дека нема амбиции да се пресели во вилата на Водно. Иако за себе смета дека би бил идеален консензуален кандидат, но, сепак, како што вели, бил млад за таа функција. Премиерот, всушност, не ја затвори вратата за евентуална коалиција со ДУИ, имајќи предвид дека од Мала Речица порачаа дека нема да им бидат привезок на СДСМ. Заев додаде дека деновиве разговараат и со коалициските партнери, како и и со други партии во и надвор од парламентот.