АктуелноОхрид

ЗНМ Охрид апелира да се исплати К 15

Здружението на новинари на Македонија- ЗНМ, континуирано ја следи состојбата во медиумската заедница, вклучително и во делот на стандардот на медиумските работници (новинари, сниматели, фотографи, монтажери). Регионалната канцеларија во Охрид го известува ЗНМ за проблемите, состојбата со правата на медиумските работници во регионот, нискиот стандард и непочитување на работничките права, кои, за потсетување, се во доменот на синдикалните права, велат од ЗНМ Охрид.

Тие додаваат дека со ваквата состојба запознаен е и Синдикатот на новинарите и медиумските работници – ССНМ, а посочените проблеми се изнесуваат на речиси сите средби поврзани со оваа проблематика, кои се одржуваат офлајн или онлајн поради пандемијата. Овие прашања се во фокусот на активностите на ЗНМ и ССНМ, кои имаат тесна соработка. На темата спроведени се и конкретни истражувања и анкети.

„И во оваа прилика апелираме до сопствениците на медиумите да ги почитуваат законските одредби кои освен редовна исплата на плата, треба да исплаќаат и регрес за годишен одмор – К15, кон сите работници кои ги исполнуваат законските услови за тоа. Апелираме до медиумските работници да не премолчуваат кршење на нивните права и таквите случаи да ги пријавуваат. Најостро го осудуваме секаков облик и обид за злоупотреба на работниците и неисполнување на нивните права“, велат од Регионалната канцеларија од ЗНМ во Охрид.

Повикуваат и ги охрабруваат медиумските работници, да пристапат на ССНМ и ЗНМ, затоа што само организирани и обединети можат да се борат за права. Ова дотолку повеќе, што во регионот постојат цели редакции без ниту еден член во новинарските здруженија, за што не сакаме да веруваме дека се должи на одредена форма на притисок или манипулација.

„Во контекс, пак, на состојбите, посочуваме на неодамнешното истражување што го спроведе ССНМ, кое покажа дека 62 проценти од новинарите на возраст од 18-35 години земаат плата пониска од просечната, а половина од анкетираните 54,5 би ја напуштиле професијата ако им се укаже прилика. Медиумските здруженија немаат механизми да дејствуваат, но затоа апелираат до надлежните институции да проверуваат дали доследно се почитуваат работничките права. Но ниту првите, ниту вторите не можат ништо доколку медиумските работници не дејствуваат преку соодветните форми на професионални здруженија и јавно не ги изнесат проблемите поради кои оваа некогаш посакувана и респектирана професија паѓа на се пониски гранки“, велат од Регионалната канцеларија од ЗНМ во Охрид.