АктуелноОхрид

Работна посета на Кожани и Лерин, Република Грција на претставници на општина Охрид и ЈП „Охридски Комуналец“

Претставници на Општина Охрид и ЈП „Охридски Комуналец“ – Охрид, во периодот од 23 до 24 ноември 2026 година, беа во работна посета на Кожани и Лерин, Република Грција, на покана на ЕНВИРОПЛАН С.А. Посетата се реализираше во рамките на проектот „Регионално управување со цврст отпад – Корпоративен развој и институционална поддршка“, финансиран од ЕБОР и SECO, во организација на Министерството за животна средина и просторно планирање, во соработка со Заедничкиот конзорциум предводен од ЕНВИРОПЛАН С.А.
Целта на работната посета беше запознавање со современите системи за управување со отпад, оперативното функционирање и мониторингот на регионалните центри за управување со отпад, заштитата на животната средина, како и здравјето и безбедноста при работа.
Во рамките на посетата беше посетен интегрираниот центар за управување со отпад и санитарната депонија во Кожани, каде што учесниците се запознаа со процесите на секундарна селекција и рециклирање на комуналниот отпад, механичко-биолошкиот третман на отпадот, постапките за селекција и преработка на материјалите, како и начинот на функционирање на санитарната депонија.
Исто така, беше посетена претоварната станица во Лерин, каде што беше презентиран начинот на претовар на комуналниот отпад во прес-контејнери и неговиот понатамошен транспорт до депонијата во Кожани. Во рамките на посетата беше посетен и Центарот за креативна повторна употреба во Лерин, каде што учесниците се запознаа со практиките за повторна употреба на предметите и материјалите.
Ваквите работни посети се од особено значење за размена на искуства, стекнување практични знаења и примена на позитивни европски практики во насока на воспоставување современ, ефикасен и одржлив систем за регионално управување со отпад.