Градоначалникот на Општина Охрид, Кирил Пецаков денеска ги прими учесниците на првата Меѓународна ликовна колонија „Лихнид – Охрид“.
На средбата, градоначалникот им се заблагодари на уметниците за нивното учество во колонијата и за придонесот кон збогатувањето на културниот живот во Охрид. На учесниците им посака пријатен престој во градот, многу инспирација и успешна реализација на нивните уметнички дела.
Кураторката на колонијата, Славица Танеска, се заблагодари за приемот и за поддршката што Општина Охрид ја дава за реализацијата на оваа културна иницијатива, истакнувајќи го значењето на создавањето простор за меѓународна уметничка соработка и размена на искуства.
Првата Меѓународна ликовна колонија „Лихнид – Охрид“ се одржува од 1 до 9 септември, во организација на Општина Охрид. На неа учествуваат 17 ликовни уметници од земјава и странство, кои во текот на престојот ќе создаваат уметнички дела инспирирани од Охрид, неговото богато културно наследство и уникатниот амбиент.
На колонијата учествуваат: Анета Гајос од Полска, Наталија Студенкова од Словачка, Ѓулај Јуксел од Турција, Мајкл Клоуз од Канада, Жужана Ардо од Велика Британија, Меџид Факиќ од Србија, Раџат Субхра Бандопадхјај од Индија, Павлина Копано-Боботанова од Бугарија, како и Славица Танеска, проф. д-р Фехим Хусковиќ, проф. м-р Мирко Вујисиќ, Славко Упевче, Лидија Вујисиќ, Емел Махмуд, Никола Упевче, Андреј Антевски и Тони Попов од Македонија.
Колонијата претставува нова културна иницијатива на Општина Охрид, која има за цел да ги поврзе домашните и странските уметници, да поттикне размена на искуства и да придонесе кон создавање нови уметнички дела. Преку реализацијата на оваа меѓународна уметничка средба, Охрид дополнително ја збогатува својата културна понуда и ја потврдува својата отвореност кон уметниците и современите уметнички текови.
Редакцијасептември 2, 2026
posted on















