АктуелноОхрид

Охрид домаќин на 30. републички спортски пензионерски натпревари

Градоначалникот на Општина Охрид, Кирил Пецаков, денеска присуствуваше на свеченото отворање на 30. Републички пензионерски спортски натпревари, кои се организираат од Сојузот на здруженија на пензионери на Македонија.

Во своето обраќање, градоначалникот Пецаков истакна:

Секогаш е убаво кога во нашиот Охрид имаме можност да пречекаме гости и пријатели од целата држава, а особено кога поводот е една ваква убава манифестација.

Републичките спортски игри за пензионери кои годинава се одржуваат јубилеен 30-ти пат се многу повеќе од спортско натпреварување. Тие се можност за дружење, размена на искуства, создавање нови пријателства и заедничко уживање во активниот живот.

Вашата енергија, виталност и желба за спорт се за вистинска почит. Со своето учество покажувате дека годините не се ограничување, туку дека секоја животна возраст носи можност за нови активности, предизвици и убави средби. Упатувам благодарност до организаторите и до сите кои овозможија Републичките спортски игри оваа година да се одржат во Охрид.

Се надевам дека покрај спортските натпревари, ќе имате можност да уживате и во убавините на нашиот град и во гостопримството на охриѓани. Ви посакувам успешни настапи, добро расположение и многу убави моменти поминати заедноистакна Пецаков во своето обраќање.

На настанот кој се одржува во спортскито центар „Билјанини Извори“ присуствуваше и претседателката на Република Македонија, Гордана Сиљановска Давкова. Натпреварите за пензионерите се поделени во 10 дисциплини, а учество ќе земат 312 пензионери од 41 здружение од Македонија.