Во чест на селската слава Успение на Пресвета Богородица, по втор пат нашиот сограѓанин Јован Кутаноски ја исплива делницата Радожда–Струга–Радожда.
Со овој подвиг, Кутаноски уште еднаш покажа голема посветеност, истрајност и љубов кон своето родно место и традицијата на Радожда.
За неговиот подвиг, од страна на Црковниот одбор и Месната заедница Радожда, Јован Кутаноски беше даруван со златно ланче, како знак на благодарност и признание за неговото учество и придонес кон одбележувањето на селската слава.
Од Радожда се надеваат дека ова пливање ќе прерасне во традиционален настан, кој во иднина би можел да привлече и повеќе учесници и да прерасне во вистинско спортско натпреварување.
Пливањето Радожда–Струга–Радожда полека станува убав пример како спортот, традицијата и почитта кон верските празници можат да се соединат во еден настан кој го збогатува животот на локалната заедница.

















