АктуелноОхрид

Одржана манифестацијата “Вечер на Живко Чинго“

Синоќа во с.Велгошти се одржа традиционалната културна манифестација „Вечер на Живко Чинго“.

Пред љубителите на пишуваниот збор, пригодно обраќање имаше Претседателот на Советот на Општина Охрид, Перчо Божиноски.

– Добредојдовте на традиционалнaта „Вечер на Живко Чинго“- манифестација која не е само потсетник на еден од најголемите мајстори на македонскиот расказ, туку и живо место каде што зборот продолжува да пулсира и пресоздава.

Живко Чинго не научи дека расказот е најдлабокиот отпечаток на човековата душа, магичен мост меѓу нашата традиција и современиот копнеж за слобода. Неговата литература останува траен патоказ за секој што се осмелува да пишува.

Вечерва, додека се сеќаваме на неповторливиот Живо Чинго и неговата Пасквелија, имаме посебна чест да му ја дадеме наградата за најдобар расказ на д-р Марјан Патлиџанковски.

Со својот авторефлексивен и силен расказ „Службен пат до Тирана “ авторот Патлиџанковски покажува дека македонскиот краток расказ е и тоа како жив и подготвен да ги предизвика современите естетски и човечки прашања.

Наградата не е само признание за авторот, туку и потврда дека меѓу нас постојат творци кои знаат да ја прикажат вистината во само неколку страници..

Му честитам на Марјан Патлиџанковски за заслуженото признание и му посакувам уште многу испишани страници кои ќе ги допираат срцата на читателите– подвлече Божиноски.

На настанот беше доделена наградата на д-р Марјан Патлиџанковски чиј расказ „Службен пат до Тирана“ по претходно распишан конкурс на општина Охрид беше избран за најдобар. Обраќање имаше и добитникот, а беседа за Живко Чинго одржа Бранко Цветкоски, поет, литературен критичар, преведувач и новинар.

Културното случување беше заокружено со културно – уметничка програма и изведба на проектот „Македониум“.