АктуелноОхрид

„Вокален и пијанистички огномет“ за роденденот на „Охридско лето“

Со вокален раскош, пијанистичка виртуозност и уметничка енергија,
„Охридско лето“ го одбележа својот 66. роденден. Во прекрасната „Света
Софија“ каде и започна приказната за „Охридско лето“, фестивалската
публика имаше можност да ужива во впечатливиот настап на Мајан Лихт,
контратенор од Израел и Пшемек Виницки, пијанист од Полска, уметници
кои со својата интерпретација донесоа посебна енергија и уметничка
емоција на фестивалската сцена.
-Роденденот на „Охридско лето“ секогаш е посебен момент за нас, затоа
што го славиме она што е суштината на фестивалот – уметноста, врвните
уметници и публиката. Годинава овој значаен ден го одбележавме со два
исклучителни уметници, Мајан Лихт и Пшемек Виницки, кои приредија
концерт исполнет со виртуозност и емоција. Особено ми е драго што и
оваа година роденденската вечер беше пред полна „Света Софија“ и што
публиката заедно со нас го сподели овој убав момент. Тоа е најголемата
потврда дека традицијата на „Охридско лето“ продолжува да живее, вели
директорот на „Охридско лето“, Ѓорѓи Цуцковски.
Лихт, еден од највозбудливите вокални уметници на денешницата, со
својот специфичен глас и впечатлива сценска интерпретација донесе
несекојдневна музичка енергија. Неговата вокална виртуозност дојде до
израз во внимателно одбраната програма, која ги обедини барокот,
романтизмот и познатите оперски нумери.
-Се радуваме што настапуваме на 66. Роденден на „Охридско лето“.
Станува збор за култен фестивал што постои толку многу години и на кој
секоја година доаѓаат врвни уметници, а тука сме и ние, изјави
талентираниот Лихт по завршувањето на концертот.
Во акустичниот амбиент под сводовите на црквата одекнаа дела од Хендл,
Броши, Глинка, Шимановски, Персл и Бизе, меѓу кои „Ombra mai fu“,
„Venti, turbini“, „Lascia ch’io pianga“, „The Cold Song“ и „Хабанера“ од
„Кармен“.
Посебен дел од вечерта беше посветен на пијанистичката виртуозност.
Пшемек Виницки се претстави со дела од Менделсон и Бетовен, меѓу кои

и прочуената „Патетична“ соната, внесувајќи дополнителна динамика и
раскош во роденденската концертна програма.
Роденденската вечер во „Света Софија“ заврши со долг аплауз од
публиката, која со воодушевување ги поздрави уметниците и нивната
извонредна изведба.