Повозрасен турист од Куманово, кој престојува на одмор во Охрид, утрово околу 7:30 часот со личен пример покажа како треба да се чува природата.
Тој беше забележан како ги чисти езерските води и брегот кај Малото пристаниште, собирајќи шишиња од алкохол и друг отпад што останал по ноќните забави. Нашата екипа го сними додека доброволно го расчистува просторот, испраќајќи силна порака за одговорност и грижа кон Охридското Езеро.


Во исто време, центарот на Охрид и утрово беше преполн со купишта ѓубре оставено од младите кои се забавуваа на кејот до раните утрински часови. И околу 7:30 часот, на кејот сè уште можеше да се забележат групи млади луѓе, како и големи количини отпад. Екипите на ЈП „Охридски Комуналец“ уште од раните утрински часови беа на терен, расчистувајќи го отпадот и враќајќи ја чистотата во централното градско подрачје.
Сликата од утрово повторно го отвора прашањето за културата на однесување и одговорноста кон јавните површини, но и покажува дека секој поединец, без разлика дали е жител или турист, може со мал личен придонес да направи голема разлика за зачувување на убавината на Охрид.


















