АктуелноОхрид

Вадим Холоденко-пијанист со редок квалитет и исклучителен талент

Украинскиот пијанист Вадим Холоденко, кој има репутација на еден од музички
најдраматичните и технички најнадарените изведувачи на новата генерација пијанисти,
вчеравечер имаше пијано-рецитал во црквата „Света Софија“ како дел од програмата на
фестивалот „Охридско лето“.

Неговите настапи се препознаени по техничката прецизност, динамичните интерпретации и
внимателното градење на музичката драматургија. Во досегашната кариера настапувал како
солист и со оркестри во Европа, Северна Америка и Азија. На репертоарот на „Охридско лето“
се враќа по осум години.

-Се радувам што сум повторно на фестивалскиот репертоар. Се сеќавам и на последниот
настап овде кога публиката беше многу внимателна и беше вистинско задоволство да се
свири. Вечерва програмата беше навистина посебна. Ја изведов „Фантазија“ од Роберт
Шуман, а потоа и „Фантастична симфонија“ од Хектор Берлиоз која иако напишана за
оркестар, Франц Лист направил транскрипција за пијано и сметам дека е навистина интересно
дело за изведување на пијано. Звучи сосема поинаку, но има своја смисла. Инаку, интересно е
што самиот Шуман првпат ја слушнал „Фантастичната симфонија“ преку транскрипцијата на
Лист, а не во оркестарската верзија, рече извонредниот пијанист Холоденко.

Холоденко важи за еден од позначајните пијанисти на својата генерација, а меѓународното
внимание го привлече во 2013 година, кога победи на престижниот Меѓународен пијанистички
натпревар „Ван Клибурн“ во САД.

За „Хармонија Мунди“ тој ги снима концертите од Григ и Сен-Санс, комплетните концерти за
пијано и оркестар од Сергеј Прокофјев и тие се високо оценети од магазинот „Грамофон“, се
„избор на критичарите“ од страна на „Би-би-си мјузик магазин“ и ја добиваат наградата
„Златен дијапазон“. Последниот албум издаден за „Кварц мјузик“ во 2022 година со
Бетовеновите „Дијабели“ варијации и делото од `Ржевски „Обединетите народи никогаш нема
да бидат поразени“ е одлично примен од страна на стручната критика.

Пијанистот Холоденко е роден во Киев. Музичкото образование го започнал во Украина и го
продолжил на Конзерваториумот „П.И.Чајковски“. Добитник е и на награди на повеќе
меѓународни натпревари.