АктуелноОхрид

Автомобил удри велосипедист и побегна, подоцна е пронајден возачот

На улицата „Абас Емин“ во Охрид денеска напладне се случила сообраќајна незгода во која автомобил удрил во велосипедист, по што возачот го напуштил местото на настанот.

Велосипедистот се здобил со полесни телесни повреди кои, според првичните информации, не се опасни по неговиот живот.

Тој бил пренесен во болница каде му била укажана лекарска помош. Според информации и сведоштва на граѓани кои биле на местото на настанот, а кои ги споделуваат со медиумите и на социјалните мрежи, возачот на автомобилот подоцна бил пронајден.

За случајот се очекуваат официјални информации од надлежните институции, кои ќе ги утврдат причините и околностите под кои се случила сообраќајната незгода.

Во екот на туристичката сезона, кога низ улиците на Охрид има значително зголемен сообраќај и голем број пешаци и велосипедисти, се апелира до сите учесници во сообраќајот да бидат максимално внимателни, да ги почитуваат сообраќајните правила и да придонесат за поголема безбедност на градските улици.