АктуелноОхрид

Шпанска вечер на „Охридско лето“ со триото „Вибрарт“

Вечерашниот фестивалски термин од 21 часот во црквата „Света Софија“ е резервиран за
Шпанската вечер на „Охридско лето“ на која ќе настапи триото „Вибрарт“.
Ова трио го сочинуваат пијанистот Хуан Перез Флористан, виолинистот Мигуел Колом Куеста и
виолончелистот Фернандо Ариас Фернандез.
Триото „Вибрарт“ е основано во 2015 година во Берлин и е резултат на спојот на тројца
исклучителни музичари кои решително, со искрен и автентичен пристап му се посветуваат на
репертоарот за пијано-трио. Името на ансамблот „Вибрарт“ ја отсликува моќта на камерната
музика да ја допира, да комуницира и да остава силен уметнички печат врз публиката.
Сите тројца членови, покрај активноста со камерна музика продолжуваат паралелно со
индивидуална музичка кариера. Школувани на Високата школа за музика „Кралица Софија“ во
Мадрид и во Берлин, тие ја комбинираат нивната кариера со педагошка активност и со
оркестарски проекти.
Хуан Перез Флористан е носител на награди од натпреварот „А. Рубинштајн“ и од Натпреварот
за пијанисти во Сантандер, и е професор на Академијата „Баренбоим-Саид“. Виолинистот
Мигел Колом е концерт-мајстор на Шпанскиот национален оркестар и предава на Високата
школа за музика „Кралица Софија“ и на Академијата „Баенбоим-Саид“, додека пак Фернандо
Ариас е добитник на бројни награди и признанија и е професор на Кралскиот конзерваториум
во Мадрид и предава на на Високата школа за музика „Кралица Софија“.
Како трио се обликуваат под менторство на Еберхард Фелц, Менахем и Кенеди Морети, а
нивниот репертоар ги вклучува делата од стандарниот репертоар за клавирско трио од
Моцарт, па сè до делата од Лера Ауербах. Нивното дебитантско издание содржи дела од
Шуберт и Шостакович.
Настапуваат низ Европа на фестивали како „Поленса“ и „Марвао“, на фестивалот во „Шлос
Елмау“, во салата „Корто“ во Париз, како и на престижните камерни концерти во Берлин.
Заеднички настапуваат како солисти со Шпанскиот национален оркестар, Националниот
оркестар на Каталонија, Кралскиот симфониски оркестар на Севиља и оркестарот на
провинцијата Аликанте во сали како Националниот аудиториум за музика во Барселона и
Театарот „Маестранца“.