Народниот театар – Битола вчеравечер на „Охридско лето“ премиерно ја изведе претставата
„Кориолан“ од Вилијам Шекспир во режија на американскиот режисер Џон Блондел.
Претставата се покажа дека е идеално дело за актерите од Битолскиот театар бидејќи
нивната енергија и сценски израз совршено одговараат на материјалот, а визуелните и
музичките автори од ансамблот ја издигнаа оваа политичка трагедија до високо ниво на
театарска поезија.
Во „Кориолан“ играа Огнен Дранговски, Петар Горко, Борче Ѓаковски, Марјан Георгиевски,
Сандра Грибовска, Јулијана Мирчевска и Петар Спировски. Сценографијата и костимите се на
Благој Мицевски, а музиката за претставата ја напиша Александар Димовски.
Режисерот Џон Блондел посочи дека „Кориолан“, иако е напишан пред повеќе од четири века,
останува актуелен поради темите за моќта, политиката и односот меѓу власта и народот.
-Видете го овој неверојатен простор во кој се наоѓаме моментално.Навистина магично место
со стари корени за изведување претстава. Атмосферата е извонредна за гледање претстава
како оваа вкоренета во минатото и сегашноста. Ова е перформанс полн со интимни,
автентични и изненадувачки моменти. Се надевам дека гледачите понесени од приказната ќе
ја вметнат во нивната имагинација за да се почувствуваат како да се на сцената, рече
режисерот Блондел кому ова му е петта соработка со битолските актери.
Според директорот на Народниот театар-Битола, Васко Мавровски, се работи за многу
интересна претстава со нова естетика, претстава којашто од 40-тина ликови е сведена само
на седум и во неа, како што вели, е собрано само есенцијалното од текстот.
-Секогаш кога ќе се спомене Шекспир, луѓето очекуваат дека тоа ќе трае два часа и повеќе.
Ние успеавме за 80-тина минути да направиме многу добра и естетски поткована претстава на
еден наш препознатлив јазик, односно препознатлив јазик и за режисерот Џон Блондел којшто
по стотти пат го покажува тоа на сцена, појаснува Мавровски.

Концептот на претставата е насочен кон минималистички сценски израз, со акцент на
актерската игра и текстот.
-Сум играл на „Охридско лето“ многупати со Битолскиот театар и сцената ја доживувам како
матична. Воодушевувачки е да се игра на толку импознатно место каде што има акустика,
историја, има сè. Овде, на оваа сцена, прошетале илјадници глумци од цел свет, прошетале и
наши драги колеги кои ги нема повеќе, така што возбудата доаѓа од сите страни, вели
битолскиот актер Петар Горко.
И на сценографот и костимограф Благој Мицевски, оваа театарска претстава не му е прво
гостување на „Охридско лето“.
-Повеќе од 30 години сме биле скоро секоја година учесници на „Охридско лето“. Да бидам
искрен, сум учествувал и со неколку претстави. Сме биле на Плаошник, на Самоиловата
тврдина, Канео, многупати и на Долни Сарај, кај изворите во „Свети Наум“, кај некогашниот
хотел „Парк“, но „Света Софија“ си има своја енергија. Едноставно, те прима, те прифаќа и те
прегрнува, вели Мицевски.

По македонската премиера на „Охридско лето“, претставата „Кориолан“ ќе ја има и својата
светска фестивалска премиера на Verona Shakespeare Fringe Festival во Италија.

















