Со света архиерејска литургија, молитва и традиционален народен собир, денеска се одбележува празникот во средновековниот храм „Света Богородица Захумска“ – Заум, едно од најживописните и духовно најзначајните светилишта на брегот на Охридското Езеро.
Храмот се наоѓа на источниот брег на езерото, помеѓу селата Трпејца и Љубаништа, на околу 20 километри од Охрид. Сместен е во подножјето на планината Галичица, под карпестиот гребен Голем Осој, на надморска височина од 695 метри, веднаш покрај езерските води. Од исток црквата е опкружена со стрмни карпи, додека пред неа се наоѓа најдлабоката точка на Охридското Езеро, што на ова место му дава особена природна убавина и мистичност.
До храмот традиционално се пристигнува по воден пат, со чамец, што претставува единствено и незаборавно доживување за посетителите. Во последните години е изградена и пешачка патека која започнува од падините на Галичица и низ густа шума води до манастирскиот комплекс. Последниот дел од патот минува низ плитките езерски води, што дополнително ја прави посетата на ова свето место несекојдневно искуство.
Црквата територијално припаѓа на атарот на селото Трпејца, чии жители со години посветено се грижат за нејзиното одржување и развој. Во тек се активности и за изградба на манастирски конак покрај храмот, со што дополнително ќе се подобрат условите за престој на верниците и посетителите.
Манастирот „Св. Богородица Захумска“ претставува вистински духовен и културно-историски бисер на Охридскиот регион, кој со векови ги привлекува верниците, поклониците и љубителите на природата и македонското културно наследство.















