Денеска во Струга започнува јубилејното 65-то издание на меѓународната поетска манифестација „Струшки вечери на поезијата“, која и оваа година ќе ги обедини поетите и љубителите на пишаниот збор од целиот свет.
Манифестацијата ќе започне во 10 часот во Паркот на поезијата со традиционалното садење дрвце и поетско читање во чест на добитничката на престижното признание „Златен венец“ за 2026 година, холандската поетеса Анеке Брасинга.
Во рамки на програмата, во 12:30 часот во Пијано салата на хотелот „Дрим“ ќе се одржи прес-конференција со добитничката на наградата, додека во 14 часот во лобито на хотелот ќе биде отворена изложбата „Цвеќе, поезија, мир“ од уметникот Живко Поповски – Цветин.
Свеченото отворање на 65. Струшки вечери на поезијата е закажано за 20:30 часот во Домот на поезијата „Браќа Миладиновци“, по што ќе следи меѓународното поетско читање „Поетски меридијани“, кое ќе се одржи во Центарот за култура „Браќа Миладиновци“ во Струга.
Со богата програма и учество на поети од повеќе земји, Струга и оваа година ќе биде светски центар на поетската мисла и творештво.















