АктуелноОхрид

Второ место за најмладата група на КУД „Охриѓанка“ од Охрид на фестивалот „Новоградски дани“ во Сараево

Голем успех за најмладите членови на Културно-уметничкото друштво „Охриѓанка“ од Охрид, кои освоија второ место на меѓународниот фолклорен фестивал „Новоградски дани“, одржан во Сараево, Босна и Херцеговина.

Со својот настап, исполнет со богатство од македонски народни игри, музика и традиционални носии, младите фолклористи успеаја да ја воодушеват публиката и стручната комисија, достоинствено претставувајќи ја македонската култура и традиција.

Она што овој успех го прави уште позначаен е фактот што на фестивалот учествувале фолклорни групи составени од учесници на возраст од 17 години и повозрасни, додека КУД „Охриѓанка“ било претставено од значително помлади деца. И покрај силната конкуренција и возрасната разлика, младите охриѓани покажаа исклучителен талент, дисциплина и сценска подготвеност, освојувајќи го високото второ место.

-Oсвоеното признание претставува голем поттик за најмладите членови на друштвото, кои достојно го претставија Охрид и Македонија пред учесници од повеќе земји. Воедно, успехот е уште една потврда дека македонскиот фолклор продолжува да живее и да се афирмира преку новите генерации, истакнува директорот на КУД „Охриѓанка“ Јован Јоноски.

Со овој успех, КУД „Охриѓанка“ уште еднаш го потврди своето значајно место на фолклорната сцена и продолжува да биде достоен амбасадор на македонската традиција и културно наследство надвор од границите на државата.

Честитки за младите фолклористи, нивните кореографи и раководители, со желби за уште многу успеси и признанија на домашната и меѓународната сцена.