Охрид

Успешно заврши 5-то јубилејно издание на Меѓународниот кошаркарски турнир „Ohrid Hoops2026“

Охрид изминатите денови повторно беше центар на младинската кошарка во регионот, откако успешно заврши јубилејното 5. издание на Меѓународниот кошаркарски турнир „Ohrid Hoops 2026“.

На турнирот учество зедоа екипи од Турција, Грција, Албанија и Црна Гора, кои низ бројни натпревари прикажаа одлична игра, спортски дух и вистинско другарство.

Во категоријата У11 (деца родени 2015 година и помлади), победник беше екипата на Сутоморе од Црна Гора.

Во категоријата У13 (деца родени 2013 година и помлади), првото место го освои екипата на Pertenviyel – Анадолу Ефес од Турција.

Најголемо внимание привлече финалниот натпревар во категоријата У15 (деца родени 2011 година и помлади), каде што силите ги одмерија грчката екипа БЦ Ајас Евосму и домашниот состав составен од младите кошаркари на Охрид. Победата им припадна на младите охриѓани, кои за првпат на овој турнир настапија како заедничка селекција на двата локални клуба Колибри и ГКК Охрид.

Особено значајна новина е што од оваа година двата клуба ќе настапуваат заеднички во младинските лиги, со цел создавање уште поквалитетни генерации и подобри услови за развој на младите кошаркари во градот.

Организаторите упатуваат искрена благодарност до Општина Охрид и градоначалникот за несебичната поддршка, како и до сите пријатели и поддржувачи на турнирот: Михајло Филев, Лабино Саунд, Кожувчанка, Леарница, како и до ГКК Охрид за поддршката со играчи во сите три категории и за успешните заеднички настапи.

Турнирот уште еднаш покажа дека Охрид има потенцијал да биде препознатлив центар за младински спортски настани и значаен фактор во развојот на спортскиот туризам.

„Горди сме што успешно го реализиравме јубилејното петто издание на ‘Охрид Хупс’. Од година во година турнирот расте, привлекува поквалитетни екипи и станува препознатлив надвор од границите на Македонија. Посебно ме радува фактот што покрај спортските резултати, децата создаваат нови пријателства и носат прекрасни спомени од Охрид.

Оваа година добивме и дополнителна вредност преку заедничкиот настап на Колибри и ГКК Охрид, што е важен чекор за иднината на младинската кошарка во нашиот град. Верувам дека заедно можеме да создадеме уште подобри услови за развој на младите спортисти.

Сакам искрено да им се заблагодарам на сите учесници, тренери, родители, волонтери, спонзори и институции кои помогнаа турнирот да биде организиран на високо ниво. Нашата цел останува иста – ‘Охрид Хупс’ да продолжи да расте и да биде горд амбасадор на Охрид и на спортскиот туризам во Македонија.“ – изјави Весна Балазоска Милошевиќ, претседател на КК Колибри.