Голема карпа се одрони на влезот во туристичкото село Радожда, при што за малку беше избегната сериозна трагедија. Инцидентот се случил на една од најфреквентните патни делници кон селото, каде секојдневно поминуваат десетици возила и жители.
За среќа, во одронот нема повредени лица, но жителите предупредуваат дека опасноста и понатаму постои и бараат итна реакција од надлежните институции.
Веднаш по инцидентот, на терен интервенирале екипи на ЈП „Македонија пат“ и Центарот за управување со кризи, кои работеле на расчистување на патот и обезбедување на просторот.

Жителите на Радожда велат дека ситуацијата е алармантна и дека вакви одрони не се реткост во овој предел.
„Можеше вчера да настрадаат луѓе, затоа што карпата падна на самиот пат. Да имаше поголема фреквенција, не знам што ќе се случеше. Во секој момент може повторно да се случи ваков случај, а не треба да се чека трагедија за државата да реагира“, изјави Михајло Солакоски, жител на Радожда.
Претседателот на месната заедница Радожда, Александар Јаулоски, посочи дека само среќата спречила човечки жртви.
„На само неколку метри од местото каде што се одрони карпата имаше жители со мали деца кои требаше да поминат таму. За среќа, немаме жртви, но стравот кај луѓето е огромен“, вели Јаулоски.
Жителите бараат итни анализи на терен и вклучување на стручни тимови и експерти од Градежниот факултет, кои би ја испитале стабилноста на карпите над патот и би предложиле трајно решение.
„За малку вчера, околу 18 часот, паднаа 13 до 15 тони камења на патот. Да поминеше некое возило или пешак, последиците ќе беа катастрофални“, изјави Петко Ставроски, жител на Радожда.
Дел од мештаните сметаат дека проблемот со години се игнорира, а како дополнителен фактор ја посочуваат и прекумерната урбанизација и несовесното градење во овој дел од крајбрежјето.
Жителите апелираат институциите што поскоро да преземат конкретни мерки за заштита на патот и безбедноста на граѓаните, пред да се случи трагедија со несогледливи последици.













