Во пресрет на утреѓниот верски празник Лазарева сабота, подрачното основно училиште „Дедо Лазор Циркоски“ го одбележа својот патронат.

По тој повод основците заедно со своите наставници имаа подготвено пригодна програма соодветна и достојна за одбележување на овој голем деец и предводник Лазор Циркоски кој бил по потекло од ова село.


Како што беше истакнато во биографијата на Дедо Лазор Циткоски бил назначен за војвода на Горна Дебарца во селото Слатино, а учествувал и во потпишувањето на „Мајскиот манифест“ во Женева. Во текот на борбата бил фатен од турците и многу измачуван, па осуден на 101 година робија. Починал во 1920 година како последица од добиените рани од измачувањето.


Учениците од прво до деветто одделение имаа приготвено богата културно-уметничка програма во која беа истакнати нивните заложби, посветеност и ентузијазам со кој се потрудиле сето тоа да го пренесат јавно, пред своите родители, баби и дедовци како и бројни гости кои беа дел од настанот. Од големи хит детски песнички, преку драмски рецитали од кои се извелкува јасна поука, па се до безвременските рецитали на „Везилка„ и рецитал посветен на Светите Браќа Кирил и Методиј.



Со сето ова уште еднаш ова училиште ја истакна важноста и големите заложби кои се внесуваат во оваа образовна институција, како и традицијата и вредноста која ја негува ова подрачно училиште и се носи рамо до рамо со сите останати училишта.


Публиката од овој настан остана под силни импресии од сето тоа што го имаа подготвено нивните најмили, од нивната заедничка сплотеност да се покаже и истакне најдоброто од нив.

Веднаш по приредбата беше организиран и Велигденски базар на кој беа изложени за продажба бројни велигденски украси, рачни изработки кои пробудија голема возбуда како кај учениците така и кај родителите кои беа дел од овој базар. Ваквите активности продолжуваат и понатака се со цел унапредување на образовниот процес и создавање квалитетна средина за учење и развој на учениците.

Посебна благодарност од училиштето изразуваат до маркетот „Тамаро“ Охрид како и за поставениот надворешен декор од страна на Јована Настоска.















