Кардиолошкиот завод во Охрид испиша нова страница во развојот на современата медицина во земјава, откако успешно беше изведен првиот SPUR® случај во Македонија – иновативна метода во третманот на периферната артериска болест – објави Zdravi.mk
Интервенцијата ја реализираше интервентниот кардиолог д-р Дејан Манчески, заедно со стручен тим доктори од установата, користејќи медицински уред на компанијата Reflow Medical. Станува збор за современ имплант – SPUR®, наменет за третман на комплексни стеснувања и затнувања на периферните артерии, со цел подобрување на крвниот проток кај пациенти со тешки васкуларни заболувања.
Според објавените ангиографски снимки, по интервенцијата е постигнат значително подобрен проток на крв во зафатениот крвен сад, што претставува важен клинички резултат и потврда за успешноста на применетата метода.
Особено значајно е што охридскиот Кардиолошки завод, иако е дел од државниот здравствен систем, станува првата здравствена установа на Балканот – веднаш по Клиничкиот центар во Белград – која ја имплементира оваа напредна технологија. Овој чекор уште еднаш ја позиционира установата како лидер во примената на современи ендоваскуларни техники во регионот.
Воведувањето на SPUR® имплантот претставува значаен напредок во третманот на периферната артериска болест, состојба која доколку не се дијагностицира и третира навреме може да доведе до сериозни компликации, вклучително и хронична болка, намалена подвижност и ризик од ампутација.
Со оваа интервенција, Кардиолошкиот завод во Охрид продолжува да го зацврстува своето долгогодишно реноме како една од најреномираните здравствени институции во земјата, потврдувајќи дека вложувањето во нови технологии, медицинска едукација и професионален кадар останува клучен приоритет во грижата за пациентите.










